ДВЕ НАГРАДИ ЗА ЕДНА ПРЕТСТАВА – МНТ направи театарски подвиг што се памети

„Страв и надеж“ го одбележа јубилејното 60. издание на МТФ „Војдан Чернодрински“.

ДВЕ НАГРАДИ ЗА ЕДНА ПРЕТСТАВА – МНТ направи театарски подвиг што се памети
Фото: Принтскрин

На јубилејното 60. издание на МТФ „Војдан Чернодрински“, претставата „Страв и надеж“ освои две значајни награди, со што се истакна како едно од најзабележителните остварувања на фестивалот.

Жири-комисијата, во состав: Снежана Коневски-Руси (претседател), актерка, режисер и педагог; Дарко Лукиќ, академски истражувач и театарски практичар од Хрватска; и Аида Буквиќ, театарска и филмска режисерка и професорка на Академијата за драмска уметност во Загреб, ги додели признанијата.

На претставата ѝ беше доделена Главната награда ГРАН ПРИ за уметничко остварување во целина, како и наградата за најдобра музика, која ја доби композиторката Ирена Поповиќ-Драговиќ.

Претставата „Страв и надеж“, инспирирана од делото на Франц Ксавер Крец, е во адаптација и режија на Татјана Мандиќ Ригонат. Македонскиот народен театар со оваа постановка настапи на 10 јуни во официјалната натпреварувачка програма, во конкуренција со уште осум театарски куќи.

Во актерската екипа настапуваат: Сашко Коцев, Сашка Димитровска, Александар Микиќ, Дарја Ризова, Наталија Теодосиева, Никола Ристановски, Тони Михајловски, Тања Кочовска, Дамјан Цветановски и Нела Павловска.

Свеченото затворање на фестивалот и доделувањето на наградите ќе се одржи на 12 јуни во 19 часот во Центарот за култура „Марко Цепенков“. Во чест на наградените ќе биде изведена претставата „Црно злато“ од Дејан Дуковски, во продукција на Београдско драмско позориште.

Фотографиите се преземени од архивата на МТФ „Војдан Чернодрински“ и НУ Македонски народен театар.

CATEGORIES
Share This