ВОЗАЧИТЕ НА СКОПСКАТА ОБИКОЛНИЦА СО ИЗМЕНЕТ РЕЖИМ Лентата за претекнување затворена поради санација
На државните патишта сообраќајот се одвива непречено, без подолги задржувања на граничните премини, а возачите се повикуваат на зголемена внимателност поради можни одрони на повеќе патни правци.

На 12 јуни 2026 година, во 13:00 часот, на автопатот А-2, на скопската обиколница помеѓу клучките Волково и Кондово, беше воведена времена измена на режимот на сообраќај поради санација на потпорни ѕидови. Согласно одобрението од Министерството за транспорт, затворена е лентата за претекнување, додека сообраќајот се одвива по лентата за возење и лентата за присилно запирање. На терен е поставена соодветна вертикална и хоризонтална сигнализација.
Според последните информации, сообраќајот на државните патишта се одвива непречено и по суви коловози. Интензитетот на сообраќај надвор од урбаните средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од АМСМ апелираат возачите да ја прилагодат брзината на условите на патот, да ја почитуваат поставената сигнализација и внимателно да управуваат со возилата, особено на делниците каде постои можност за појава на одрони. Такви ризични точки се патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Во рамки на сезонскиот режим на сообраќај, од 15 април за сообраќај повторно е отворен патниот правец Охрид – Ресен преку Националниот парк Галичица за сите возила со маса до 3,5 тони.
Активни градежни работи и времен режим на сообраќај
На делницата Гостивар – Стража на автопатот А-2 се спроведува санација на мостовите бр. 4 (Вијадукт на Атанасова Река) и бр. 7 (Вијадукт на Дол), поради што е воспоставен времен режим на сообраќај кој ќе важи до завршување на работите.
Од 30 март 2026 година се изведува санација на мостовите на реката Вардар кај село Желино, во двата правци на автопатот А-2, при што сообраќајот се одвива согласно привремено утврден режим.
Во тек се и активности за изградба на премин на интерконективен гасовод под автопатот А-1 „Пријателство“ на делницата Смоквица – Гевгелија, каде е поставена соодветна сигнализација за времен режим на сообраќај.
На скопската обиколница, на делницата од клучка Волково до клучка Кондово, продолжува рехабилитацијата на коловозот во должина од околу 250 метри. Левата лента за претекнување е затворена, а возилата се движат по средната и десната лента.
Во сила останува и времената измена на режимот на сообраќај на регионалниот пат Р1202 Косоврасти – Мелнички Мост поради санација на свлечиште.
Дополнително, во рамки на изградбата на Коридорот 10Д, на патниот правец Прилеп – Битола е воспоставен времен режим на сообраќај. Движењето на возилата е пренасочено по регионалниот пат Прилеп – Битола, на потегот од клучка Лагово до Тополчани.


