ДНЕВНА ДОЗА ПОЛИТИКА Што објавија денес ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија
Политички преглед на денот, петок, 12 јуни 2026 година.

Политички преглед на денот, петок 12 јуни 2026 година. Што објавија ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија?
ВМРО-ДПМНЕ: Само Филипче и СДС сакаат уставни измени, 80% од граѓаните се на ставот за достоинствен евроинтегративен пат
СДС се познати по тоа што секогаш кога биле на власт, носеле одлуки спротивни на волјата на народот. На чело со Венко Филипче, повторно бараат некој да ги поддржи за нова национална отстапка која би ги донела на власт. Затоа со месеци се додворуваа на Бугарија и на Радев, преку изјави во јавноста дека би ги прифатиле уставни измени за внесување на Бугари во Уставот, без гаранции.
Со ова, Филипче и СДС покажаа уште еднаш дека за нив, важно е само да се биде на власт, па дури и тоа да им се оствари преку нови национални предавства и обезличувања на Македонија. Граѓаните препознаваат дека секогаш приватниот интерес за СДС е поважен од државниот. Тоа го потврдија неколкупати на избори, а бројките велат дека над 80% граѓани не смеетат дека барањата на Бугарија за внесување на Бугари во Устав не треба да се прифатат.
Единствен кој ова го поддржува е Филипче. Зошто Филипче продолжува да инсистира да се случат овие измени? Ставот на Бугарија околу ова прашање е цврст, јасен и не е променет.
Ставот на македонскиот народ е исто така јасен. Граѓаните не сакаат Македонија да биде во ЕУ по секоја цена. Јавното мислење околу ова се сведува на Македонија во ЕУ, да, но со достоинство, интегритет и идентитет. Македонија заслужува да има достоинствен евроинтегративен пат, а не редефинирана историја и ново национално предавство за да може Филипче и неговиот најтесен круг повторно да се богатат на грбот на народот.
СДСМ: „Твоја држава твоја шанса” До вистинска правда преку нов закон, ветинг за функционери и конфискација на нелегален имот
Вистина е дека денеска корупцијата е во секоја пора од општеството, а правдата селективна и заробена од корумпираната власт. Вистина е дека наместо независно судство има партиска контрола и јавно диктирање како треба да постапуваат обвинителите од собраниска говорница, телевизија или по телефон. Вистината е дека граѓаните не веруваат во правосудниот систем затоа што систем нема. Затоа борбата против корупцијата е во срцето на нашата програма „твоја држава – твоја шанса“.
Нов Антикорупциски закон, посебно независно тело за борба против корупцијата, дигитални механизми за следење на јавните пари се првите чекори. Воведуваме ветинг за сите избрани и именувани функционери од 90 тите до денеска. Секој функционер ќе мора да објасни од каде му е имотот и како го стекнал. Посебна мерка-итна конфискација на нелегално стекнатото богатство. Праведно е граѓаните да знаат како функционерите дошле до својот имот. Ги укинуваме имунитетите на функционерите, никој нема да биде над законот.
Воведуваме ветинг и на судии и обвинители – Правдата мора да почне од оние што ја делат. Ќе воспоставиме јавен регистар на вистинските сопственици на компаниите. Ќе воспостаиме директна и оперативна соработка со Европското јавно обвинителство, за заштита на јавните средства и откривање на корупцијата на највисоко ниво. Праведно е секоја пријава за корупција да биде истражена.
Затоа предвидуваме строги механизми за автоматска проверка и институционален надзор над случаите на корупција и злоупотреба на службената положба. Ова се праведни решенија за безкомпромисна борба против корупцијата. Ова се решенија за држава во која законот важи подеднакво за сите. Држава во која чесноста се наградува, а криминалот се казнува. Само на овој начин довербата на граѓаните во системот може постепено да се врати. Затоа што правдата не е привилегија. Таа е право на секој граѓанин. Твоја држава – твоја шанса!
ЕДИНСТВЕНА МАКЕДОНИЈА: Срамна и скандалозна пракса- пратениците чие основно знаење е да разликуваат само зелено од црвено копче ќе им објаснуваат закони на Судскиот совет
Единствена Македонија изразува сериозна загриженост со најновото постапување на Судскиот совет, кој наместо самостојно и стручно да ги толкува и применува одредбите од новиот Закон за Судски совет, се обратил до Собранието со барање за толкување на законски норми.
Сметаме дека ваквиот чекор е крајно несоодветен и претставува сериозно нарушување на професионалниот интегритет на Судскиот совет, кој, барем според законот се смета дека е составен од истакнати правници, чија основна должност е да го применува и толкува законот во рамките на своите надлежности.
Не е спорно дека Собранието има законска надлежност за автентично толкување. Но, во случајот, срамно и неодговорно е да се бара толкување од Сускиот совет чија работа по природата на нештата се токму законите. Собранието е политичко тело со пратеници поставени по политичка линија и без соодветно стручно правничко знаење и чија способност се сведува на знаењето да можат да разликуваат црвено од зелено копче кога гласаат откако претходно им се кажува како да гласаат.
Ова отвора сериозни сомнежи за стручноста и независноста на Советот, како и за неговата способност да постапува во согласност со својата уставна улога. Оваа пракса е неприфатлива и претставува опасен преседан кој може да доведе до политизација на правните процеси и слабеење на владеењето на правото.
Јавно бараме одговорност за ваквото нестручно и несоодветно постапување, како и итно преиспитување на практиките на одлучување во рамките на Судскиот совет.
Владеењето на правото подразбира професионалност, самостојност и одговорност а не префрлање на сопствената основнас надлежност на други институции.

ДНЕВНА ДОЗА ПОЛИТИКА Што објавија денес ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија


