ОСТАВЕТЕ НЕ ДА СЕ ЕВРОПЕИЗИРАМЕ Сиљановска испрати силна порака од Бугарија
Претседателката порача дека Македонија треба да се фокусира на реформите и Копенхашките критериуми, а не на историските спорови.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова порача дека Македонија треба да се посвети на исполнување на европските стандарди и Копенхашките критериуми, наместо да троши време на решавање историски прашања кои, според неа, не се дел од темелните принципи на Европската Унија.
Во интервју за МИА, кое ќе биде објавено викендов, таа истакна дека процесот на европска интеграција треба да биде насочен кон реформи и усогласување со европските вредности.
„Оставете нѐ да се европеизираме на патот, да станеме компатибилни со она што го бараат Копенхашките критериуми. Да не го губиме времето на историски прашања, туку да се концентрираме на европеизацијата“, нагласи претседателката.
Европските вредности мора да се почитуваат
Осврнувајќи се на својата порака од самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа во Бугарија, Сиљановска-Давкова потенцираше дека проширувањето на ЕУ мора да се темели на Копенхашките критериуми и на почитување на сопствените принципи на Унијата.
Таа потсети дека членот 2 од Договорот за Европската Унија ги утврдува вредностите како достоинство, слобода, еднаквост, демократија, владеење на правото и човекови права, вклучително и правата на малцинствата.
„Овие вредности се директно поврзани со Копенхашките критериуми од 1993 година, а членот 49 јасно предвидува дека нивното исполнување е и политички и правен услов за членство во Европската Унија“, рече претседателката.
Националниот идентитет е заштитен со европските договори
Сиљановска-Давкова посебно го издвои членот 4, став 2 од Договорот за ЕУ, кој, како што нагласи, ја содржи таканаречената „клаузула на национален идентитет“.
Според неа, Унијата е обврзана да ја почитува еднаквоста на државите и нивниот национален и културен идентитет, како и фундаменталните политички и уставни структури на секоја земја.
„Унијата ќе го почитува националниот и културниот идентитет, како и суштинските политички и уставни карактеристики на државите. Тоа е особено важно за нашиот случај“, истакна претседателката.
Таа порача дека европската интеграција треба да се води врз основа на принципите и вредностите утврдени во европските договори, а не преку отворање прашања кои не се дел од критериумите за членство.


