Во тешка сообраќајна несреќа што се случила на новиот експресен пат Прилеп – Градско, во близина на клучката за Кавадарци, животот го загубиле две лица, а едно лице е тешко повредено, информираат од Брзата помош во Кавадарци и Територијалната противпожарна единица кои интервенирале на местото на настанот.
Според докторот Антоан Паракеов, раководител на Итната медицинска помош во Кавадарци, директен судир се случил меѓу две патнички возила. Во едното возило загинале маж и жена, додека во другото возило 39-годишен маж од Прилеп бил тешко повреден и во критична состојба пренесен во Општата болница во Кавадарци.
Засега нема дополнителни информации за состојбата на повредениот ниту за причините за несреќата.
Очевидци кои се нашле во близина велат дека екипите на Итната медицинска помош и пожарникарите пристигнале многу брзо на местото на несреќата. Пожарникарите го извлекле тешко повредениот од едно од возилата, по што веднаш бил пренесен на болничко лекување.