СО ПРЕМИЕРОТ СЕ СЛУШАМЕ ПО ТЕЛЕФОН, АМА СМЕ ЦЕЛОНСО НЕЗАВИСНИ Савески за комуникацијата со извршната власт
Јавноста наскоро ќе биде информирана за клучните одлуки.

Јавниот обвинител Ненад Савески оцени дека комуникацијата со извршната власт, вклучително и контактите со премиерот, не е спорна и не влијае врз самостојноста на Јавното обвинителство, која, како што нагласи, е загарантирана со Уставот и законите.
По засилените јавни критики за работата на обвинителството, Савески порача дека очекувањата за резултати се легитимни, но дека институцијата мора да ја задржи својата независност во одлучувањето.
Тој информираше дека истрагата за случајот со шпионажа во кабинетот на претседателката е во завршна фаза. Како што појасни, се одржал координативен состанок со истражители од МВР и тимот на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, при што бил изготвен план за понатамошни истражни дејствија. Според него, доказниот материјал, вклучително и видеоснимки, е доставен и се анализира, а одлука се очекува во скоро време.
Во однос на предметот „Мазут“, Савески посочи дека тој е доставен до Вишото јавно обвинителство Скопје и дека законскиот рок од 30 дена сè уште тече. Очекува, како што рече, во разумен рок да биде донесена јавнообвинителска одлука и јавноста да биде информирана.
Савески повтори дека не коментира политички изјави, но нагласи дека секој има право да ги изнесува своите ставови, додека обвинителството има обврска да испорачува резултати.


