ПОДГОТВЕТЕ ГИ СМЕТКИТЕ До 2.100 денари од МојДДВ ќе легнат на сметките до крајот на ноември

Исплатата треба да се реализира најдоцна до 30 ноември, а граѓаните треба да проверат дали им се точни податоците за трансакциската сметка.

ПОДГОТВЕТЕ ГИ СМЕТКИТЕ До 2.100 денари од МојДДВ ќе легнат на сметките до крајот на ноември
Фото: Принтскрин

Граѓаните кои од јули до септември скенирале фискални сметки преку апликацијата „МојДДВ“ наскоро треба да го добијат повратот на дел од платениот данок на додадена вредност.

Исплатата за третото тримесечје од 2026 година треба да биде реализирана најдоцна до 30 ноември. Управата за јавни приходи (УЈП), сепак, сè уште нема објавено точен датум кога ќе започне префрлањето на парите.

Максималниот поврат за едно лице за овој период изнесува 2.100 денари, но конечниот износ зависи од бројот и вредноста на прифатените фискални сметки, како и од пресметаниот ДДВ.

Според правилата на мерката, за купени македонски производи и услуги граѓаните добиваат назад 20 проценти од пресметаниот ДДВ, додека за останатите производи и услуги повратот изнесува 10 проценти.

Тоа значи дека доколку сите четири члена на едно семејство ја користат апликацијата и го остварат максималниот износ, заедно можат да добијат до 8.400 денари за едно тримесечје.

Пред исплатата, корисниците треба да проверат дали во апликацијата „МојДДВ“ имаат внесено точни и ажурирани податоци за трансакциската сметка. Ова е особено важно за граѓаните кои во меѓувреме ја смениле банката или ја затвориле претходната сметка, бидејќи неточните податоци може да предизвикаат доцнење на исплатата.

Мерката „МојДДВ“ продолжува да се спроведува и во 2026 година. Според претходно објавените податоци, во текот на 2025 година на граѓаните им биле вратени повеќе од 3,47 милијарди денари, односно околу 56,4 милиони евра.

CATEGORIES
Share This