ЕУ ГИ ПРЕДУПРЕДИ ГРАЃАНИТЕ Секој дом мора да има храна и вода за 72 часа
Европската комисија бара домаќинствата да имаат подготвен ранец за итни случаи и резерви за првите три дена од криза, додека предлага и воведување Европски ден на подготвеност.

Европската комисија објави нови упатства со кои ги повикува граѓаните на Европската Унија да се подготват за можни вонредни состојби, природни катастрофи и други кризни ситуации. Препораката е секое домаќинство да има резерви од храна, вода и основни потреби за преживување во првите 72 часа од кризата, односно додека не пристигне организираната јавна помош.
Европската комесарка за подготвеност и управување со кризи, Хаџа Лахиб, истакна дека првите часови во една криза можат да бидат пресудни и дека секој граѓанин треба да знае како да го заштити своето семејство и да им помогне на другите.
Според неа, подготовката за кризни ситуации треба да започне во домовите, училиштата и локалните заедници. Комисијата препорачува граѓаните да имаат подготвени основни залихи во домаќинствата, како и однапред спакувана торба или ранец со најнеопходните предмети во случај на потреба од брза евакуација. Целта е секој да може самостојно да се грижи за основните потреби во период од најмалку три дена.
Новите упатства опфаќаат и неколку дополнителни мерки: воведување кризна едукација во градинките и основните училишта, посебна заштита и поддршка за лицата со попреченост, како и побрзо и појасно информирање на јавноста при појава на опасност.
Европската комисија предлага 23 октомври секоја година да биде прогласен за Европски ден на подготвеност, почнувајќи од 2027 година. Датумот е избран во знак на одбележување на воспоставувањето на Европскиот механизам за цивилна заштита во 2001 година. Идејата е преку редовни вежби и активности да се подигне свеста кај граѓаните и локалните власти за различните ризици и начините за справување со нив.
Дополнително, Комисијата им препорачува на земјите-членки редовно да спроведуваат стрес-тестови и да изработуваат планови за непречено функционирање на институциите во кризни услови. Националните центри за цивилна заштита треба да обезбедат непрекината работа и координација на помошта 24 часа дневно, дури и при прекини на електричната енергија, дефекти на комуникациските мрежи или сајбер-напади.
Иако новите упатства не се правно обврзувачки, тие претставуваат важен дел од пошироката стратегија на Европската Унија за зајакнување на отпорноста на општествата и подготвеноста за идни кризи.

