ТЕЖОК ПОРАЗ ЗА ОПОЗИЦИЈАТА Интерпелацијата за Трипуновски падна со убедливо мнозинство
По повеќечасовна расправа, Собранието со 62 гласа „против“ и 21 „за“ ја отфрли интерпелацијата поднесена од СДСМ за министерот за земјоделство Цветан Трипуновски.

Со 62 гласа „против“, 21 „за“ и без ниту еден „воздржан“, Собранието ја отфрли интерпелацијата за работата на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
Интерпелацијата беше поднесена од пратеничката група на СДСМ, која го обвини министерот за слаби резултати во ресорот, намалени субвенции, неисполнети ветувања, пад на откупните цени, блокирани европски средства и коруптивни скандали. Од опозициската партија побараа политичка одговорност и оставка од Трипуновски.
На гласањето му претходеше повеќечасовна собраниска дебата, во која власта и опозицијата ги судрија ставовите околу состојбите во земјоделството.
Пратениците од владејачкото мнозинство ја оценија интерпелацијата како неоснована и политички мотивирана, тврдејќи дека таа има за цел да го пренасочи вниманието од, како што наведоа, проблемите наследени од претходното раководство на Министерството.
Од ВМРО-ДПМНЕ застанаа во одбрана на министерот Трипуновски, истакнувајќи дека неговото работење е одговорно, транспарентно и насочено кон подобрување на состојбите во земјоделскиот сектор. Според нив, поднесената интерпелација е доказ дека резултатите од неговата работа предизвикуваат политички реакции кај опозицијата.


