МАКЕДОНСКИТЕ УНИВЕРЗИТЕТИ ЗАД РЕГИОНОТ Новото рангирање откри загрижувачки разлики

Министерството најавува реформи за подобрување на високото образование.

МАКЕДОНСКИТЕ УНИВЕРЗИТЕТИ ЗАД РЕГИОНОТ Новото рангирање откри загрижувачки разлики
Фото: Принтскрин

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) е најдобро рангираната високообразовна институција во Македонија според новата платформа АРБУ (Академско рангирање на балканските универзитети), додека проф. д-р Сашко Кедев е највисоко рангираниот македонски научник.

АРБУ беше промовиран денеска во Скопје како прво сеопфатно регионално рангирање што ги опфаќа универзитетите од Балканот и нивното научно влијание. Во анализата се вклучени 324 универзитети и високообразовни установи од осум земји, повеќе од 33.000 професори и истражувачи, како и над 19,7 милиони научни цитати.

На врвот на балканската листа се наоѓаат Универзитетот во Загреб, Универзитетот во Белград и Универзитетот во Љубљана. Меѓу македонските институции, УКИМ е убедливо најдобро пласиран и водечки во најголем број научни области.

Сепак, резултатите покажуваат дека македонските универзитети сè уште значително заостануваат зад регионалните лидери. УКИМ располага со околу 400.000 научни цитати, додека Универзитетот во Загреб има повеќе од 4,6 милиони, а универзитетите во Белград и Љубљана над два милиони цитати.

По УКИМ, најдобро рангирани високообразовни установи во земјава се Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, Универзитетот на Југоисточна Европа, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола и Универзитетот во Тетово. Кај приватните универзитети, највисоко е пласиран Меѓународниот балкански универзитет.

Во категоријата индивидуални истражувачи, проф. д-р Сашко Кедев е највисоко рангираниот научник од Македонија со повеќе од 38.500 цитати. Во врвот се и академик Љупчо Коцарев, проф. д-р Марија Вавлукис, проф. д-р Тодор Арсов и проф. д-р Лидија Попоска.

Според податоците од АРБУ, медицинските науки се најсилната научна област во Македонија според цитираноста и меѓународното влијание. Речиси 60 проценти од сите цитати на највлијателните македонски истражувачи потекнуваат токму од ова поле.

Основачот на платформата АРБУ, проф. д-р Марјан Бојаџиев, на промоцијата истакна дека целта на проектот е Балканот да добие сопствена академска мапа и транспарентна алатка за следење на успешноста на универзитетите и научниците.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска оцени дека македонското високо образование со години заостанува зад регионалните стандарди, но нагласи дека се спроведуваат законски и финансиски реформи кои треба да придонесат за подобрување на состојбите во секторот.

CATEGORIES
Share This