МАСОВНА ПОЛИЦИСКА АКЦИЈА Осум приведени возачи за само 24 часа

Полицијата со апел за почитување на сообраќајните правила.

МАСОВНА ПОЛИЦИСКА АКЦИЈА Осум приведени возачи за само 24 часа
Фото: Национал

Полицијата во текот на изминатото деноноќие лишила од слобода вкупно осум возачи на територијата на државата поради управување возила на непрописен начин.

Седум од нив биле затекнати како возат без возачка дозвола. Три случаи се регистрирани во Скопје, додека по едно лице е приведено во Кичево, Тетово, Кавадарци и Кочани. Дополнително, во Кичево е уапсено и лице кое управувало возило и покрај активна забрана за возење.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека по целосно документирање на случаите ќе следуваат соодветни кривични пријави. МВР упати и апел до учесниците во сообраќајот да ги почитуваат правилата и прописите, со цел зголемување на безбедноста.

Во посебна акциска контрола во Тетово и Гостивар, полицијата привела уште пет лица, меѓу кои и малолетник, исто така поради управување возила без возачка дозвола.

Според СВР Тетово, контролите биле спроведени од полициски службеници од Тетово и Гостивар во координација со јавен обвинител. Во Гостивар биле запрени три мотоцикли, управувани од 42-годишен маж, 71-годишник и 17-годишник, кој бил лишен од слобода во присуство на инспектор за малолетници.

Подоцна, во истиот град бил запрен уште еден мотоцикл, додека во Тетово е сопрено возило „смарт“ управувано од 20-годишно лице. Сите петмина биле приведени, а возилата и мотоциклите биле одземени.

По завршување на постапките, против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави.

CATEGORIES
Share This