НА СУДЕЊЕТО ЗА ПУЛС ПРЕЗЕНТИРАНИ ДОКУМЕНТИ Дискотеките не биле опфатени со инспекциски надзор
Поранешниот директор Шабан Салиу тврдеше дека дел од потписите на службените документи не се негови, иако тие биле заведени под негово име.

На продолжението на судскиот процес за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани беа презентирани документи кои покажуваат дека овој, но и други угостителски објекти во градот, не биле опфатени во плановите за инспекциски надзор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).
Во судницата беа разгледани квартални планови за инспекциски контроли, годишни програми и службени документи на ДЗС од периодот кога директор бил Шабан Салиу (2012–2017). Салиу пред судот изјави дека дел од потписите на документите не се негови, иако тие се водат под негово име како директор на институцијата.
Обвинителството посочи дека во 2015 година во Кочани немало назначен инспектор, што, според нив, е потврдено и од годишните програми и распоредите на инспекторите. Иако тогаш инспектори од Скопје извршиле контрола во градот, надзор бил спроведен само кај еден правен субјект со низок ризик, што обвинителите го оценија како селективен пристап.
Од презентираните документи произлегува дека во периодот од 2012 до 2014 година инспекциските планови предвидувале контроли во хотели, ресторани и мотели, но не и во кафулиња и дискотеки.
По завршувањето на рочиштето, Александар Наунов од здружението „16 Март“ изјави дека денешните сведочења отвораат нови дилеми за функционирањето на институциите.
„Денес слушнавме тврдења дека дел од потписите не биле на обвинетиот, иако документите биле потпишани со неговото име како директор. Се наметнува прашањето не само кој ја водел институцијата, туку и кој ги потпишувал документите“, рече Наунов.
Тој оцени дека доколку навистина некој друг потпишувал службени акти во име на директорот, тоа укажува на сериозни системски пропусти и отсуство на контрола во институцијата.
„Директорската функција не е само име на документ, туку носи одговорност за сè што излегува од институцијата. Јавноста има право да знае чиј бил потписот, кој го дозволувал тоа и како таквата практика можела да опстојува со години“, нагласи Наунов.
Во пожарот што избувна на 16 март 2025 година во дискотеката „Пулс“ во Кочани загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени. Трагедијата отвори сериозни прашања за безбедносните стандарди, инспекциските контроли и спроведувањето на законските прописи во угостителскиот сектор.


