БАРСЕЛОНА ОСТАНУВА БЕЗ ПАРИ ЗА КАПМ НОУ Лапорта бара нов милијардерски заем
Реконструкцијата на „Спотифај Камп Ноу“ доцни, трошоците растат, а клубот ќе мора повторно да се задолжува за да го заврши проектот „Еспаи Барса“.

Барселона се соочува со нов финансиски предизвик во реализацијата на амбициозниот проект „Еспаи Барса“, откако се покажа дека досегашниот заем од 1,45 милијарди евра нема да биде доволен за завршување на работите.
Иако реновирањето на стадионот „Спотифај Камп Ноу“ и придружните објекти веќе значително доцни во однос на првичните рокови, клубот сега има потреба и од дополнителни финансиски средства. Според шпанските медиуми, раководството предводено од Жоан Лапорта утврдило дека постојниот буџет не ги покрива сите трошоци за завршување на проектот.
За да обезбеди ново финансирање, Лапорта ќе мора да добие согласност од членовите на клубот. Една од опциите е свикување вонредно собрание веќе во јули, додека друга можност е прашањето да биде ставено на дневен ред на редовното собрание на почетокот на следната сезона.
Средствата обезбедени преку група инвеститори предводени од „Голдман Сакс“ постепено се трошат, а работите на „Спотифај Камп Ноу“ и понатаму не се завршени. Истата ситуација важи и за останатите делови од проектот, вклучувајќи ја новата сала „Палау Блауграна“ и уредувањето на просторот околу стадионот.
Во моментов, стадионот ја заврши фазата 1Ц, со што капацитетот е зголемен на 62.657 гледачи. Работите се насочени кон изградба на два ВИП-прстени и третото ниво на трибините.
Барселона сè уште чека одобрение од градските власти за следните фази од реконструкцијата и за постепено зголемување на бројот на достапни седишта.
Според актуелните планови, тековната фаза, која опфаќа изградба на 9.400 ВИП-седишта, треба да заврши во текот на летото 2027 година. Последната етапа, која вклучува поставување на покривот и завршни конструктивни работи, ќе бара ново привремено иселување на Барселона од својот дом.
Клубот планира тоа да се случи на почетокот на сезоната 2027/28, но засега не е познато на кој стадион ќе ги игра домашните натпревари во тој период.


