САМО НЕКОЛКУ СЕКУНДИ ДЕЛЕА ОД ПОГОЛЕМА ТРАГЕДИЈА Херојски потег на велешките полицајци

Жителка на Велес јавно им се заблагодари на полицајците за брзата реакција.

САМО НЕКОЛКУ СЕКУНДИ ДЕЛЕА ОД ПОГОЛЕМА ТРАГЕДИЈА Херојски потег на велешките полицајци
Фото: Принтскрин

Жителка на Велес јавно упати благодарност до двајца полициски службеници од СВР Велес, кои според нејзиното сведоштво навремено интервенирале и помогнале при гаснење пожар што избувнал во нејзиниот автомобил.

Во објава на социјалните мрежи, Марија Новакова истакна дека брзата реакција, присебноста и професионалниот пристап на полицајците придонеле да се спречи поголема материјална штета.

„Сакам јавно да им се заблагодарам на двајцата полициски службеници од СВР Велес кои несебично ми помогнаа при гаснењето на пожарот во мојот автомобил. Со нивната брза реакција, смиреност и професионализам успеаја да спречат поголема штета. Денес во нив препознав вистински пример за посветеност и пожртвуваност во служба на граѓаните“, напиша таа.

На објавата реагираше и началникот на СВР Велес, Трајче Мехалов, кој се заблагодари за упатените зборови и јавното признание на работата на полициските службеници.

„Наша должност е секогаш да бидеме тука за граѓаните кога им е најпотребна помош. Вашата благодарност претставува голема чест за нас и дополнителен мотив уште попосветено да ја извршуваме нашата работа“, порача Мехалов.

Тој додаде дека е особено задоволен што со навремената интервенција се избегнати посериозни последици и поголема материјална штета, а целиот настан завршил без дополнителни проблеми.

CATEGORIES
Share This