ГОЛЕМ РУДАРСКИ СОБИР ВО ОХРИД Доаѓаат експерти од целиот свет
Фокус на нови технологии, безбедност и одржливо управување со минерални ресурси.

Седумнаесеттото стручно советување за подземна и површинска експлоатација на минерални суровини – ПОДЕКС-ПОВЕКС 2026 ќе се одржи на 30 и 31 октомври 2026 година во Охрид, во хотел „Гранит“.
Објавен е повикот за доставување научни и стручни трудови за XVII-то стручно советување со меѓународно учество од областа на подземната и површинската експлоатација на минерални суровини.
По успешното минатогодишно издание, се очекува годинава уште поголемо учество на претставници од академската заедница, рударската индустрија, институциите, регулаторните тела и креаторите на политики од земјата, како и истакнати меѓународни експерти и универзитетски професори. Настанот ќе претставува платформа за размена на стручни знаења, презентација на научни истражувања, технолошки достигнувања и современи практики во рударството и геологијата.
Во фокусот на советувањето ќе бидат актуелните состојби во експлоатацијата на минерални суровини, развојот на нови технологии, заштитата на животната средина, безбедноста при работа, управувањето со руднички отпад и отпадни води, рекултивацијата, законската регулатива, како и улогата на рударството во економскиот и технолошкиот развој.
Од Организацискиот одбор истакнуваат дека во услови на зголемена глобална побарувачка за минерални суровини, ваквите стручни собири имаат особено значење, бидејќи овозможуваат заедничко разгледување на предизвиците и идните насоки за развој на рударско-геолошката дејност во Македонија и регионот.
Во рамки на настанот се предвидени презентации на стручни трудови, панел-дискусии и keynote предавања на теми значајни за современо, безбедно и одржливо рударство.
Крајниот рок за доставување трудови е 25 август 2026 година, а известувањето за прифатените трудови ќе биде објавено на 1 септември 2026 година. Повеќе информации за подготовка и форматирање на трудовите се достапни на веб-страницата https://www.zrgim.mk/
Организатори на советувањето се Здружението на рударските и геолошките инженери на Република Македонија, во коорганизација со Универзитетот „Гоце Делчев“ – Факултет за природни и технички науки, Штип, и Македонската асоцијација за рударство (МАР).
