ГОЛЕМО ПРИЗНАНИЕ ОД ЕУ Мицкоски истакна дека членките ги разбираат македонските позиции
Уставните измени беа дел од разговорите во Тиват, потврдува премиерот.

Премиерот Христијан Мицкоски изрази задоволство од средбите со францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц на Самитот ЕУ–Западен Балкан во Тиват, истакнувајќи дека меѓу клучните теми биле и уставните измени и евроинтегративниот процес на Македонија.
Во изјава за медиумите, Мицкоски нагласи дека земјите членки на Европската Унија покажуваат разбирање за македонските позиции во однос на европскиот пат на државата.
„Со канцеларот Мерц се познаваме и од рамките на Европската народна партија, но ова беше наш прв состанок како премиери. Исклучително сум задоволен од разговорите, како и од средбите со претседателот Макрон и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен. Уставните измени беа тема на разговор, но нашиот став останува непроменет. Веруваме дека Македонија заслужува подобар пристап кон својата европска иднина и мислам дека голем дел од земјите членки го разбираат тоа“, изјави Мицкоски.
Тој оцени дека пораките испратени од лидерите на ЕУ потврдуваат дека политиката на проширување останува активна и дека Македонија треба да продолжи со реформите, без да го загрози националното достоинство.
„Наша задача е да го зачуваме процесот на проширување, да напредуваме со реформите и истовремено да не дозволиме да се изгуби достоинството на државата, како што тоа се случувало во минатото“, рече премиерот.
На Самитот ЕУ–Западен Балкан во Тиват учествуваат лидерите на земјите членки на Европската Унија, како и претставници на Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Северна Македонија, Косово и Црна Гора.
ЕВРОПА ГО СЛУША СКОПЈЕ Мицкоски имаше клучни разговори со двајца лидери
