ЗДРУЖЕНИЕТО АПЕЛИРА ДО ВЛАДАТА Обезбедување на инсулински пумпи за сите пациенти со дијабетес тип 1
Македонија се соочува со сериозни предизвици во грижата за дијабетесот, особено со ограничен пристап до инсулински пумпи.

Сојузот на здруженија со лица со дијабетес побара од Владата, Министерството за здравство и Националната комисија за дијабетес да се осигурат дека сите лица со дијабетес тип 1 ќе имаат пристап до инсулински пумпи, со оглед на предстоечата јавна набавка. Според здружението, ова е неопходно за да се гарантира минимум на квалитет и да се спречат здравствени нарушувања кои може да настанат доколку пациентите не го користат најсовременото технолошко помагало.
Македонија се соочува со сериозни предизвици во грижата за дијабетесот, особено со ограничен пристап до инсулински пумпи. Во моментот, само околу 300 пациенти со тип 1 дијабетес имаат инсулински пумпи, што го прави пристапот на овие пациенти до напредни технологии значително нееднакв. Според податоците на здружението, ова оставило илјадници пациенти без можност да ги користат благодетите на овие технологии кои се клучни за успешно менаџирање на дијабетесот.
Здружението потенцира дека за 2025 година, инсулинските пумпи што треба да се набават мора да бидат напредни хибридни затворени системи, кои вклучуваат поврзување на пумпата со систем за континуирано мерење на гликемијата. Овие системи, познати и како системи за автоматска испорака на инсулин (AID) или вештачки панкреас, користат автоматизирани алгоритми за испорака на инсулин и индивидуално прилагодување на целните нивоа на гликемија за секој пациент. Според Американската дијабетолошка асоцијација, AID системите се првиот избор на терапија за лица со тип 1 дијабетес.
“Секое дете со тип 1 дијабетес треба да има пристап до овие технологии и уреди за мониторирање на гликемијата, кои мора да ги исполнуваат највисоките стандарди за точност, доверливост и безбедност”, изјавуваат од Здружението.
Овие системи треба да бидат поткрепени со рандомизирани, контролирани клинички студии и податоци од реалниот свет, за да се потврди нивната ефикасност во согласност со интернационалните стандарди.
Со обезбедување на AID системи, СЗДСМ истакнува дека може да се спречи потребата за поскапи третмани и да се намали долгорочниот товар на здравствениот систем.
“Користењето на инсулинска пумпа создава вредност за општеството, бидејќи овозможува пациентите со дијабетес тип 1 да водат нормален живот, исполнувајќи ги своите работни и социјални функции, наместо да станат пациенти со инвалидитет”, велат од здружението.
Клиничките испитувања покажуваат дека овие системи доведуваат до намалување на бројот на хипогликемии и дијабетична кетоацидоза, што води кон значителни долгорочни заштеди за здравствениот систем. Затоа, поставувањето на пациентите на овие напредни системи истовремено ги претвора и во корисници на сензори, што дополнително го подобрува нивното здравје и квалитет на живот.


