МЛАДИТЕ ВЛЕГУВААТ ВО РУДНИК Искуство што не може да се добие во училница

Студентите и учениците во директен контакт со современото рударство

МЛАДИТЕ ВЛЕГУВААТ ВО РУДНИК Искуство што не може да се добие во училница
Фото: Принтскрин

Недостигот на стручен кадар сè почесто се наметнува како едно од клучните прашања за идниот развој на индустријата, особено во секторите каде што практичното знаење, техничките вештини и директното искуство се незаменлив дел од професионалната подготовка. Според податоците на European Training Foundation, младинската невработеност во Македонија во 2024 година изнесувала 29%, додека 22,6% од младите биле надвор од образование, вработување или обука. Овие бројки дополнително ја нагласуваат потребата од посилна, посистемска и долгорочна врска меѓу образовните институции и реалниот сектор.

Токму во тој контекст, компанијата „Бучим“ ја гради својата позиција како стратешки партнер на образовните институции, преку активности со кои на студентите и учениците им се овозможува директен контакт со индустријата, практично разбирање на работните процеси и појасна слика за професионалните можности во рударството.

Како дел од ова партнерство, во рудникот „Бучим“ беше организирана теренска посета за 13 студенти од прва и втора година, од насоките геологија и рударско инженерство при Факултетот за природни и технички науки на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

За време на посетата, студентите имаа можност одблиску да се запознаат со организацијата на работните процеси, функционирањето на рударските операции и секојдневната динамика во еден рударски комплекс. Директниот контакт со работната средина им помогна подобро да ја разберат практичната примена на знаењата стекнати во текот на студиите, како и предизвиците и одговорностите на инженерската професија.

„За Бучим, соработката со образовните институции претставува стратешка инвестиција во иднината на индустријата. На младите им е потребно повеќе од теоретско знаење – им е потребен реален увид во професијата, работните процеси и стандардите на современото рударство. Затоа нашата цел е да бидеме активен партнер на факултетите и средните стручни училишта во создавањето кадар подготвен за реалните индустриски предизвици“, истакнуваат од компанијата.

Паралелно со соработката со високообразовните институции, компанијата продолжува да вложува и во практичната едукација на учениците вклучени во програмата за дуално образование. Во истиот период, 38 ученици од СОУ „Коста Сусинов“ од Радовиш, кои се дел од оваа програма во „Бучим“, реализираа стручна посета на рудникот САСА.

Целта на посетата беше учениците да се запознаат со различни работни практики, технолошки решенија и организациски процеси што се применуваат во современото рударство. Ваквите искуства ја надополнуваат практичната настава и им овозможуваат на младите поширок увид во индустријата преку реални примери и теренска работа.

Овие активности се дел од пошироката стратегија на „Бучим“ за поврзување на образованието со реалниот сектор. Наместо недостигот на стручен кадар да се гледа само како тековен предизвик, компанијата го насочува фокусот кон рана едукација, практично учење и континуирана соработка со институциите што ги подготвуваат идните инженери, техничари и стручни кадри.

Со тоа, рудникот ја потврдува својата улога на македонскиот пазар не само како индустриски капацитет, туку и како активен партнер во создавањето генерации со знаење, практично искуство и подготвеност за современите индустриски предизвици.

CATEGORIES
TAGS
Share This