ПРЕД САМИТОТ ВО ТИВАТ Каја Калас ненадејно се повлече, што се крие зад одлуката?
Причините за откажувањето засега не се официјално соопштени.

Високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, го откажа своето учество на Самитот ЕУ – Западен Балкан што утре ќе се одржи во Тиват.
Според информациите објавени од Радио и телевизија Црна Гора (RTCG), причините за нејзиното откажување засега не се познати.
На самитот ќе присуствуваат бројни високи европски и регионални лидери, меѓу кои претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Фридрих Мерц, шпанскиот премиер Педро Санчез и италијанската премиерка Џорџа Мелони.
Домаќин на настанот е претседателот на Црна Гора Јаков Милатовиќ, додека на самитот е најавено учество и на претседателот на Србија Александар Вучиќ, како и претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта.
Вучиќ потврди дека ќе патува во Црна Гора, и покрај предупредувањата од српската Безбедносно-информативна агенција (БИА) за потенцијални безбедносни ризици. Тој најави дека дополнително ќе се обрати за, како што рече, „хибридни закани“ и политички околности поврзани со неодамнешни настани во Србија.
