ЉУБОВТА ПУКА ПО ТРЕТАТА ГОДИНА Се помалку бракови, а разводите растат во Македонија
Август најпопуларен месец за свадби, март најтивко.

Во текот на 2025 година во земјата се склучени 10.507 бракови, што претставува намалување од 5,1% во однос на претходната година, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика.
Истовремено, бројот на разводи бележи значителен пораст од 8,0% и изнесува вкупно 2.185 разведени бракови.
Според месечната распределба, најмногу бракови се склучени во август, кога се регистрирани 1.362 бракови (13,0%), додека март бил најмалку популарен месец за свадби со само 473 бракови (4,5%).
Најголемиот дел од граѓаните стапуваат во прв брак, 92,8% кај жените и 92,1% кај мажите, додека во втор и трет брак почесто влегуваат мажите.
Просечната возраст за склучување прв брак изнесува 27,5 години за жените и 30,2 години за мажите.
Најмногу бракови се склучуваат во возрасната група од 25 до 29 години, додека кај разводите најзастапена е групата од 35 до 39 години. Критичен период за брачните заедници најчесто е меѓу петтата и деветтата година од бракот.
Митот за „критичната седма година“ во бракот е доведен во прашање. Нови истражувања покажуваат дека современите двојки првите сериозни кризи, па дури и неверства, ги доживуваат многу порано И околу третата година од заедничкиот живот.
Експертите укажуваат дека брзиот и динамичен начин на живот дополнително ги забрзува кризите во односите, поради што денешните генерации порано влегуваат во конфликтни фази во споредба со претходните.
Податоците покажуваат дека мал процент од неверствата започнуваат околу седмата година од бракот. Најризичен период е почетокот на заедничкиот живот: околу 7% од испитаниците изјавиле дека неверство се случило во првата година, околу 5% по две години брак И највисок ризик има во третата година, кога околу една третина од случаите започнуваат токму тогаш.
Психолозите објаснуваат дека во овој период често исчезнува почетната еуфорија и се воспоставува рутина во односите.
Според анкетираните, најчести причини за неверство се недостиг на интимност (околу 50%), што води до емоционална дистанца и чувство на осаменост, доаѓањето на деца (околу 25%), кое ја менува динамиката и го зголемува стресот и досада и потреба од возбуда (околу 16%).
Обновата на довербата по неверство е долг процес. Брачните терапевти истакнуваат дека за закрепнување на односот најчесто се потребни една до две години интензивна работа, што ја покажува длабочината на емоционалните последици во брачните заедници.
