ЦЕНИТЕ НА НАФТАТА ПОВТОРНО ИГРААТ – Еве што најави министерката

Стабилно снабдување и покрај глобалните тензии.

ЦЕНИТЕ НА НАФТАТА ПОВТОРНО ИГРААТ – Еве што најави министерката
Фото: Принтскрин

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, изјави дека Македонија има стабилно и сигурно снабдување со нафтени деривати, и покрај случувањата на Блискиот Исток кои влијаат врз цените на светските пазари.

Во интервју за МТВ, таа истакна дека земјата најголемиот дел од горивата ги обезбедува преку Грција и дека снабдувањето во ниту еден момент не било доведено во прашање, туку дека се чувствуваат единствено ценовни осцилации.

„Најважно за граѓаните е дека има сигурност и доволно гориво. Како Влада постојано ги следиме состојбите и презедовме мерки за ублажување на ценовниот притисок. Во понеделникот имаше намалување на цените за 6,5 денари, а ОКТА дополнително одобри попуст од два денари кој важи од 2 до 15 јуни“, рече Божиновска.

Таа нагласи дека пуштањето во функција на продуктоводот на почетокот од годината се покажало како навремена и стратешки значајна одлука. Според податоците на Министерството, до 30 април преку него биле транспортирани 145 илјади кубни метри дизел, што претставува околу 30% од планираниот годишен капацитет.

„Со продуктоводот ги избегнавме предизвиците поврзани со транспортот преку граничните премини и истовремено придонесовме за заштита на животната средина“, истакна министерката.

Божиновска додаде дека државните резерви на нафтени деривати во моментов обезбедуваат покриеност од 60 до 62 дена, додека според европските стандарди до 2030 година земјата треба да располага со резерви за 90 дена. Таа оцени дека сегашните количини се доволни и дека засега нема потреба од нивно дополнително зголемување.

Во однос на цените, министерката изјави дека не се очекуваат драстични поскапувања како во 2022 година, бидејќи меѓународните прогнози упатуваат на постепена стабилизација на пазарите.

„Грција има алтернативни рути за снабдување од Северна Африка и други региони. Доколку таму нема нарушувања во снабдувањето, нема да има проблеми ниту кај нас. Постојано сме во комуникација со грчките партнери и добиваме уверувања дека снабдувањето ќе остане стабилно“, додаде Божиновска.

CATEGORIES
Share This