ПРЕСВРТ ВО МАДРИД Перез му испрати порака на Винисиус дека може да си замине
Гласини за промени во тренерскиот штаб дополнително ја брануваат атмосферата.

Претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез, упати јасна порака за иднината на Винисиус Жуниор, нагласувајќи дека клубот нема да го задржува против негова волја доколку Бразилецот реши да си замине од „Сантијаго Бернабеу“.
Сè погласни се шпекулациите за можен трансфер, откако преговорите за нов долгорочен договор во Мадрид наводно стагнираат, пренесува „Goal.com“.
Во разговор за „Ел Паис“, Перез истакна дека Реал нема намера да врши притисок врз играчот, оставајќи ја одлуката целосно во негови раце. Тој додаде дека би сакал Винисиус да остане во клубот „доживотно“, нагласувајќи ја неговата силна поврзаност со тимот.
„Има време за нов договор. Би сакал да остане засекогаш. Тој е длабоко поврзан со клубот. Ако некој не сака да биде во Мадрид и сака да оди, слободен е да го направи тоа. Нема да присилувам никого. Парите никогаш не биле најважни“, изјави Перез.
Во меѓувреме, 25-годишниот Бразилец навести дека не брза со одлуката околу продолжување на соработката, посочувајќи дека има „многу работи за разговор“ со клубот, особено околу улогата и финансиските услови.
Иако преговорите се во застој, односите меѓу двете страни остануваат коректни. Реал го гледа Винисиус како клучен дел од спортскиот проект, но доаѓањето на Килијан Мбапе донесе нова финансиска рамнотежа и дополнителна сложеност во разговорите.
Перез, исто така, ги отфрли тврдењата дека Винисиус и Мбапе не можат да играат заедно, нарекувајќи ги „бесмислени“.
„Тоа се двајца од најдобрите играчи во светот. Винисиус ни донесе две титули во Лигата на шампионите. Но не треба да се губи разумот И Лигата на шампионите не се освојува секоја година“, додаде тој.
Во позадина на целата ситуација се споменува и можен нов тренерски развој на „Бернабеу“, како и тензии поврзани со претходни инциденти, што дополнително ги засилува шпекулациите околу стабилноста во соблекувалната.
