СООБРАЌАЕН ПРЕСВРТ ВО СКОПЈЕ Воведени еднонасочни улици и нови семафори
Возачите повеќе нема да можат да вртат лево од Јужен булевар кон Аеродром и Тутунски комбинат, а се воведуваат и нови еднонасочни улици.

Од утре во сила стапува нов сообраќаен режим во дел од централното градско подрачје, со цел да се подобри протокот на возилата и да се зголеми ефикасноста на сообраќајот.
Според најавените измени, сообраќајот од Јужен булевар кон населбата Кисела Вода ќе се одвива по улицата покрај кафеаната „Ив“, која отсега ќе биде еднонасочна. На оваа делница ќе биде поставен и нов семафор за лево вртење, што ќе овозможи приклучување на улицата „Есенинова“ во правец кон Аеродром.
Измени се воведуваат и на улицата покрај објектите на Пазарната инспекција, која води кон Тутунски комбинат. Иако и досега беше еднонасочна, отсега ќе има обратен правец на движење.
Со новото решение, од Јужен булевар повеќе нема да биде дозволено лево вртење кон Аеродром и Тутунски комбинат. Наместо тоа, возилата ќе се движат од правецот на Тутунски комбинат кон Јужен булевар, со можност за директно вклучување во подземната сообраќајница.
Во рамки на измените, на улицата „11 Октомври“ е извршено стеснување на коловозот. По поставувањето на нова жардиниера, наместо досегашните три, сообраќајот ќе се одвива по две сообраќајни ленти.
Надлежните очекуваат новиот режим да придонесе за подобра организација, поголема безбедност и зголемена проточност на сообраќајот во овој дел од градот.
