ТЕТОВО ГИ БЛОКИРА СМЕТКИТЕ НА ГРАЃАНИТЕ И ФИРМИТЕ 150 милиони денари завршија кај извршителите
Општината почна со присилна наплата на неплатените даноци и такси – под блокада се физички и правни лица што не ги подмириле обврските до 2025 година, а вкупниот долг надминува 300 милиони денари.

Општина Тетово почна со блокирање на сметките на физичките и правните лица кои не ги подмириле финансиските обврски кон општината до 2025 година. Постапката за присилна наплата започна вчера, откако претходно граѓаните и компаниите биле повикани да ги платат долговите.
Во канцеларијата за данок на имот затекнавме неколку граѓани, но повеќето од нив не сакаа да зборуваат пред камера. Еден од граѓаните ни изјави дека неговата сметка е блокирана, но дека не знае кој ја блокирал.
Од Општина Тетово информираат дека мерката ги опфаќа сите физички и правни лица кои не ги подмириле своите обврски. Според Нуредин Деари од Секторот за финансии, вкупниот долг кон општината изнесува околу 300 милиони денари, додека во постапка за извршување се опфатени обврски во вредност од околу 150 милиони денари.
„По повиците и доставувањето на решенијата за извршување, сега започна и реализацијата, ефектот е задоволителен. Блокирањата се направени за компании, компании кои не ги платиле таксите за фирма и за физичките лица кои не го платиле данокот на имот до 2025 година. Вкупниот износ е над 300 милиони денари, по сите обврски што ги имаат компаниите и граѓаните, физичките лица. Но, во постапка, во постапка сега се некаде околу 150 милиони денари“, изјави Деари.
Од Општина Тетово посочуваат дека пред еден месец биле известени сите граѓани и правни лица да ги подмират долговите, со предупредување дека во спротивно ќе следува извршување.
Откако рокот поминал, општината почна да ја спроведува најавената мерка, со цел наплата на неплатените даноци на имот и такси за фирми.

