ПОЛИТИКА ИЛИ ПРАВО Уставниот суд се премисли и ќе донесува одлука за Законот за јазиците по изборите

Според него, Уставниот суд веќе утврдил пет до шест спорни прашања поврзани со Законот за јазиците, за кои ќе се побара мислење од експерти од правната наука и практиката

ПОЛИТИКА ИЛИ ПРАВО Уставниот суд се премисли и ќе донесува одлука за Законот за јазиците по изборите

Подготвителната седница на Уставниот суд за разгледување на иницијативите за оценување на уставноста на Законот за употреба на јазиците ќе се одржи на 19 јуни, потврди претседателот на Судот, Дарко Костадиновски. Во интервју за емисијата Трилинг, Костадиновски истакна дека седницата била одложена поради трагедијата во Кочани, но очекува конечната одлука да биде донесена по локалните избори наесен, за да се избегне нејзина етнизација и политизација.

„Моја проценка е дека конечната одлука ќе биде донесена по изборите. Да не се случеше трагедијата, подготвителната седница веќе ќе беше завршена, и природно одлуката ќе дојдеше во јуни. По подготвителната седница ќе ни треба месец, месец и пол, два, за да се подготви нов реферат и да се сумираат сите мислења“, изјави Костадиновски.

Според него, Уставниот суд веќе утврдил пет до шест спорни прашања поврзани со Законот за јазиците, за кои ќе се побара мислење од експерти од правната наука и практиката. Тој најави дека на седницата ќе присуствуваат претставници од Венецијанската комисија, Европскиот суд за човекови права, како и домашни експерти по уставно и меѓународно право.

Костадиновски смета дека постапката на Судот не е насочена против ничии права и критикува дека „неоправдано се создаде фама“ со етничка и политичка димензија.

„Ние немаме проблеми во меѓуетничките односи, туку со злоупотребата на тие односи за политички цели. Тоа се покажа и при постапката за Балансерот и за Законот за јазиците“, рече тој.

На неговите изјави остро реагираше опозициската партија ДУИ, која обвини дека Уставниот суд повеќе не ја крие својата политичка пристрасност и станал „параполитички продолжеток на актуелната власт“. Според партијата, најавата дека одлуката ќе биде донесена по изборите е „добро осмислен план“ за атак врз политичките придобивки на Албанците од Охридскиот договор.

„Гласовите што со месеци предупредуваа за тајна спогодба меѓу Владата и Судот сега добиваат облик на свршен чин“, се наведува во соопштението од ДУИ.

Според нив, институциите што треба да ја гарантираат еднаквоста и соживотот, сега директно ги доведуваат во прашање тие вредности.

Се очекува одлуката на Уставниот суд да има значително влијание врз имплементацијата на Законот за употреба на јазиците, особено во контекст на политичката клима пред претстојните локални избори, кои, според најавите на претседателот на Собранието Африм Гаши, ќе бидат распишани на крајот на јули или почетокот на август.

CATEGORIES
Share This