НЕВЕРОЈАТЕН РАСТ НА ПАТНИЦИ – Македонија станува нов регионален авио-хит
Силно зголемување на патничкиот сообраќај во првите четири месеци од 2026 година.

Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот „Свети Апостол Павле“ во Охрид, под управување на ТАВ Македонија, дел од групацијата ADP, бележат силен раст во првите четири месеци од 2026 година. Вкупно се опслужени 1.202.828 патници, што претставува зголемување од 32,4% во однос на истиот период лани.
Во истиот период, јануари-април, двата аеродрома реализирале 8.123 летови, што е раст од 10,7% на годишно ниво.
Од ТАВ Македонија истакнуваат дека ова претставува продолжување на рекордниот тренд на раст. Генералниот директор Неџат Курт нагласува дека компанијата со заеднички напори со Владата работи на проширување на мрежата на дестинации, што веќе резултирало со отворање на пет нови линии годинава, а дополнителни седум се планирани, односно вкупно 12 нови дестинации.
Во летниот распоред, од Скопје летаат 15 авиокомпании до 54 дестинации преку редовни и сезонски линии, како и 24 чартер дестинации, што вкупно изнесува 78 поврзувања.
Новите линии од Скопје вклучуваат Будимпешта и Неапол, а во следниот период се очекуваат и летови кон Трабзон, Самсун, Палермо и Алгеро.
Од охридскиот аеродром летуваат 8 авиокомпании до 17 дестинации, а меѓу новите линии се Братислава, Милано, Штутгарт, како и најавените летови кон Вроцлав и Катовице. Од 21 јуни е планирано и воспоставување на линија Охрид–Виена од „Аустриан ерлајнс“.
