ДЕНОТ НА ЕВРОПА ВО СКОПЈЕ – Настапи, изненадувања и сина ноќ над Владата

Централната прослава во Градскиот парк започнува во 12 часот на сцената „Школка“.

ДЕНОТ НА ЕВРОПА ВО СКОПЈЕ – Настапи, изненадувања и сина ноќ над Владата
Фото: Принтскрин

Во Градскиот парк во Скопје денеска ќе се одржи централната манифестација по повод Денот на Европа, која годинава се одвива под мотото „Наша Европа. Посилни заедно“, соопшти „Европска куќа Скопје“.

Организаторите најавуваат дека на настанот, кој започна во 12 часот на сцената „Школка“, ќе се обрати евроамбасадорот Михалис Рокас. Предвидени се и изјави за медиумите од него, како и од министерот за европски прашања Беким Сали и градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски.

Програмата вклучува разни активности и забавни содржини подготвени од земјите членки на Европската Унија, како и гастрономско катче и штандови со изработки од рециклирани материјали. Посетителите ќе имаат можност да се информираат за урбаното зеленило и растенијата, како и да се запознаат со локални еколошки иницијативи и бизниси.

Настанот ќе биде збогатен со музички и сценски настапи, меѓу кои танцовата група „Еурека“, Дина Јашари, Звада, „Конкеринг Лион“, „Дапунк и Дабл Г“, Емили Нас и Мартина Пенева.

Прославата ќе заврши на зајдисонце, кога зградата на Владата на Северна Македонија ќе биде осветлена во сина боја.

Целата програма ја организираат Делегацијата на Европската Унија, мрежата „Јуроп Хаус“ и амбасадите на земјите членки на ЕУ, со поддршка од Министерството за европски прашања и локалните власти, а настани по повод Денот на Европа се одржуваат низ целата држава во текот на месец мај.

CATEGORIES
Share This