ЗАБОРАВЕН СКАНДАЛОТ СО НЕПОТРЕБНИ СРЦЕВИ ОПЕРАЦИИ ЗА ПРОФИТ – Што се случи со случајот што ја потресе јавноста?

Истрагата започна со големи најави, но резултати сè уште нема, а јавноста бара одговорност.

ЗАБОРАВЕН СКАНДАЛОТ СО НЕПОТРЕБНИ СРЦЕВИ ОПЕРАЦИИ ЗА ПРОФИТ – Што се случи со случајот што ја потресе јавноста?
Фото: Принтскрин

Случајот со неоправдани кардиолошки интервенции во приватни здравствени установи со цел остварување профит, кој во август 2025 година го отвори кардиологот Сашко Кедев, со месеци е во застој и речиси паднат во заборав.

Тогашниот министер за здравство, Азир Алиу, најави темелна истрага и посочи дека ќе бидат вклучени и странски експерти. Во јавноста изјави дека веќе се идентификувани неколку сомнителни случаи и дека истрагата наскоро ќе даде целосни одговори. Сепак, наместо конкретни информации за инволвирани лица и установи, јавноста засега не доби јасни резултати, а случајот остана без видлив напредок.

Ова предизвикува сомнежи дали целиот процес ќе заврши без епилог, како што се случувало и во други слични случаи. Засега нема официјални информации за завршена истрага, а впечатокот е дека постапката е закочена.

На прес-конференција лани во ноември, министерот Алиу и членовите на домашната комисија соопштија дека од вкупно 25 пријави за сомнителни случаи, поднесени од граѓани и здравствени институции, биле анализирани 19. Кај 10 пациенти било утврдено дека постоеле индиции за непотребно упатување на васкуларни интервенции. Овие наоди укажуваат на можни сериозни неправилности, вклучително и интервенции мотивирани од финансиски интерес, што претставува сериозно загрозување на здравјето на пациентите.

Јавноста и понатаму бара одговори за тоа кои се инволвираните лица, каде се изведувале интервенциите и со каква цел. Институциите, од своја страна, се во обврска да обезбедат транспарентност и конкретни резултати, а не само најави за истраги.

НЕПОТРЕБНИ СТЕНТИРАЊА ЗА ПРОФИТ – Ова е составот на странската комисија

CATEGORIES
TAGS
Share This