СКОПЈЕ ВО ОПЕРСКА ТРЕСКА – Мајските оперски вечери носат светска елита
Националната опера и балет ги стартува 54. Мајски оперски вечери со двете едночинки „Сестра Анџелика“ и „Џани Скики“.

Со изведба на двете едночинки на Џакомо Пучини, „Сестра Анџелика“ и „Џани Скики“, на 9 мај во Националната опера и балет (НОБ) свечено ќе биде отворено 54. издание на Мајските оперски вечери.
Под диригентска палка на Џанлука Мартиненги од Италија, а во режија на Пјер Франческо Маестрини, исто така од Италија, публиката ќе има можност да проследи продукција збогатена со меѓународна креативна екипа. Сценографијата е дело на Гилермо Нова од Шпанија, додека костимите ги изработи Кристина Ачети од Италија.
Во „Сестра Анџелика“ насловната улога ја толкува Валентина Бои од Италија, а покрај неа настапуваат и Бенедета Мазето, како и повеќе македонски солистки, меѓу кои Марика Поповиќ, Николина Јаневска, Соња Пендовска-Мадевска, Биљана Јосифов и други.
Во втората опера, „Џани Скики“, главната улога ја игра Роберто Де Кандиа од Италија, додека улогата на Лаурета ја толкува Ана Дурловски. Во ансамблот се вклучени и бројни домашни и странски солисти, меѓу кои Николина Јаневска, Игор Дурловски, Јован Јосифов, Драган Ампов и други.
До 31 мај, фестивалската програма ќе понуди уште неколку значајни наслови од оперската и балетската литература, меѓу кои „Риголето“, „Тоска“, „Мадам Батерфлај“, „Лебедово езеро“, „Травијата“ и „Набуко“.
Како што истакна генералниот директор на НОБ, Оливер Арсовски, секоја од претставите носи различна емоција и заедно создаваат целосно уметничко доживување. Тој нагласи дека Мајските оперски вечери претставуваат огледало на институцијата и доказ за нејзината посветеност кон создавање продукција на високо европско ниво.
Фестивалскиот оган на свеченото отворање ќе го запали првенката на Операта, Ана Дурловски.
