ПРОТЕСТ ВО МОМЕНТ НА СВЕЧЕНОСТ – Што се случува во културата?

СКРМ повикува на мирен собир пред Националната опера и балет за заштита на Колективниот договор.

ПРОТЕСТ ВО МОМЕНТ НА СВЕЧЕНОСТ – Што се случува во културата?
Фото: Принтскрин

Синдикатот на културата (СКРМ) упати повик до своето членство и до јавноста за мирен протестен собир кој ќе се одржи на денот на отворањето на Мајските оперски вечери, пред Националната опера и балет.

Како што се наведува во нивното соопштение, протестот ќе се организира на платото пред институцијата, во време кога посетителите ќе пристигнуваат на свеченото отворање на фестивалот.

„Ве повикуваме на денот на отворањето на Мајските оперски вечери заедно да застанеме во одбрана на Колективниот договор за култура, темелот што ги штити нашите права, достоинство и сигурност“, стои во повикот на СКРМ.

Од Синдикатот порачуваат дека културните настани што публиката ги гледа на сцена се резултат на долгогодишна работа, знаење и посветеност на уметниците и културните работници. Тие додаваат дека „зад секој аплауз стои човечки труд, но зад сцената мора да стојат и права“.

Во повикот се истакнува дека, според нив, овие права во моментот се доведени во прашање, поради што се организира собирот.

Протестот е најавен како мирен и достоинствен, со присуство и транспаренти, со цел да се испрати порака за зачувување на Колективниот договор за култура, како и за поголемо вреднување на трудот и достоинството на уметниците и културните работници.

Собирот е закажан за 9 мај 2026 година во 19:20 часот, пред Националната опера и балет во Скопје.

CATEGORIES
Share This