КРАЈ НА ЕРА – Сити без Гвардиола, се знае наследникот
Неофицијални информации најавуваат крај на една од најуспешните ери во модерниот фудбал.

Една голема ера во Манчестер Сити се чини дека се приближува кон крајот. По цели 10 години на клупата на „граѓаните“, Пеп Гвардиола најверојатно ќе го напушти клубот по завршувањето на оваа сезона.
Иако сè уште нема официјална потврда, англиските медиуми пренесуваат дека неговото заминување е сè поизвесно и дека наскоро би можело да биде и јавно соопштено. Како главен кандидат за негов наследник се споменува Енцо Мареска.
Според истите извори, во клубот веќе се очекува ваков развој на настаните, а дури се разгледуваат и идеи за посебно оддавање почит на Гвардиола, меѓу кои и именување трибина на „Етихад“ во негова чест.
Иако Гвардиола има договор со Сити до јуни 2027 година, постои голема веројатност дека ќе се повлече порано од функцијата менаџер.
Енцо Мареска, кој во последните две сезони беше тренер на Челзи и со клубот освои трофеи во Конференциската лига и Светското клупско првенство, претходно работеше и во Лестер, каде обезбеди промоција во Премиер-лигата, како и во Парма. Негово евентуално доаѓање во Сити би претставувало најголем предизвик во неговата досегашна кариера, особено бидејќи веќе има искуство како дел од стручниот штаб на Гвардиола.
Пеп Гвардиола ќе остане запаметен како најуспешниот тренер во историјата на Манчестер Сити. Со клубот освои 19 трофеи и ги водеше на 687 натпревари, со биланс од 420 победи, 75 ремија и 92 порази.
Конечната одлука се очекува во наредните недели, за клубот навреме да се подготви за евентуалната промена на клупата. Во Сити се свесни дека е невозможно целосно да се замени влијанието на Гвардиола, но веруваат дека со постојната структура Мареска би можел да обезбеди што побезболна транзиција.
