ТИТУЛА НА ДОСЕГ – Барса чека кикс, Флик со понижувачка провокација за Реал
Контроверзна изјава што ја разбранува фудбалска Шпанија.

Барселона е на чекор до освојување на својата 29-та титула во шпанското првенство. Доколку Реал Мадрид вечерва не успее да го совлада Еспањол, каталонскиот клуб и официјално ќе може да ја започне прославата.
Тренерот на Барселона, Ханси Флик, не покажува голем интерес за исходот од натпреварот на својот најголем ривал. По дуелот со Осасуна, тој јасно стави до знаење дека нема намера да го следи натпреварот на Реал.
„Дефинитивно нема да го гледам Реал Мадрид“, изјави Флик.
Тој додава со доза на хумор дека можеби ќе го помине времето со сопругата, додека за евентуални случувања на теренот ќе биде информиран преку тимската WhatsApp група.
Изјавата доаѓа во период на засилени тензии меѓу двата шпански гиганти. Иако Ел Класико се игра следната недела, Флик очигледно сака целосен фокус на сопствениот тим и не се оптоварува со резултатите на конкурентите.
Во меѓувреме, односите меѓу Барселона и Реал Мадрид остануваат напнати, со чести обвинувања и критики, особено поврзани со судиските одлуки, кои доаѓаат од страна на мадридскиот клуб. Реал веќе подолг период е без голем трофеј, што дополнително ја зголемува нервозата и притисокот врз тимот.
Флик, пак, настојува да изгради менталитет во кој тимот се фокусира исклучиво на сопствените перформанси, без да зависи од резултатите на другите.
Доколку Барселона навистина ја обезбеди титулата пред Ел Класико, натпреварот со Реал ќе добие уште поголем интензитет. Мадридскиот тим ќе се обиде да го спречи славјето на ривалот, додека Барселона ќе има можност да ја заокружи сезоната со уште една голема победа и силна порака на теренот.
