ХАОС НА БОГОРОДИЦА – 14.000 патници за 24 часа, некои минуваат за минути, други чекаат со часови
Новите ЕУ правила и празничниот викенд го зголемија притисокот на Богородица, системот на тест.

Во изминатите 24 часа, околу 14.000 патници ја преминале македонската граница на граничниот премин Богородица на пат кон Грција, информираат од Министерството за внатрешни работи. До 10 часот утринава, околу 3.000 македонски државјани ја напуштиле државата преку овој премин, додека најголемиот дел околу 11.000 се странски државјани.
Според МВР, од македонска страна не се регистрирани поголеми застои на граничните премини кон Грција. Надлежните посочуваат дека се ангажирани сите расположливи човечки и технички ресурси со цел да се обезбеди побрз проток на патници и ефикасна гранична контрола.
Сепак, искуствата на граѓаните споделени на социјалните мрежи се различни. Дел од патниците минуваат без задржување, додека други пријавуваат чекања до еден час, особено кај автобусите.
Токму автобускиот сообраќај се издвојува како најкритична точка, имајќи предвид зголемениот број автобуси забележани на преминот утринава. Засилениот интензитет на сообраќај се поврзува со продолжениот празничен викенд, но и со примената на новиот систем за влез/излез на Европската унија (ЕЕС), кој стапи во сила на 10 април.
Во однос на можните олеснувања, портпаролот на грчката Влада изјави дека регулативата за ЕЕС им овозможува на земјите-членки одредена флексибилност при справување со зголемен притисок на границите. Грција, како што беше нагласено, внимателно ќе ја следи состојбата и ќе презема соодветни мерки за поефикасно опслужување на патниците, во рамки на важечките правила.
