ШТО СЕ СЛУЧИ ТОЈ ДЕН – Трагичниот крај на македонскиот војвода
Загинува во близина на Рајчани во нерамна борба со османлискиот аскер.

На денешен ден во 1905 година, во близина на кратовското село Рајчани, загинува Никола Карев македонски револуционер, војвода, учесник во Илинденското востание и претседател на Крушевската Република.
По донесувањето на одлуката од Главниот штаб на Битолскиот револуционерен округ во октомври 1903 година за прекин на Илинденското востание и распуштање на востаничките единици, Карев заедно со своите соборци на 23 октомври 1903 година (10 октомври по стар стил) се собира на месноста „Крвава Вода“, над селото Сланско. Оттаму, преку Порече, Скопско и Србија, се упатува кон Бугарија.
Во средината на ноември 1903 година, Никола Карев пристигнува во Софија, каде што се наоѓаат и други раководители и постари борци кои, поради политичките околности, не можеле да се вратат или да делуваат легално во Македонија.
Бидејќи не постоела можност за легално враќање во родната Македонија и во Крушево, напролет 1905 година Карев одлучува повторно да формира чета и тајно да се врати во земјата, со цел да ја продолжи борбата за нејзино конечно ослободување.
Според записите во софискиот „Македонски преглед“на 14 април (по стар стил, Велики четврток утрото), во селото Рајчани, Кочанско избувнала крвава борба меѓу здружените чети на Петар Ацев и Никола Карев од една страна, и многуброен османлиски аскер од друга страна.
Така започнува неговото последно утро, моментот кога Никола Карев и неговите соборци го завршуваат својот пат во борбата за слобода.
