ВАЈЦ ТВРДИ ЕДНО – Мицкоски возвраќа сосема спротивно

Условите за напредок во ЕУ остануваат тесно поврзани со уставни и институционални реформи.

ВАЈЦ ТВРДИ ЕДНО – Мицкоски возвраќа сосема спротивно
Фото: Принтскрин

Премиерот Христијан Мицкоски ги отфрли оценките на европратеникот и известувач за Северна Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, дека земјата не бележи напредок во реформите во последната година.

На прашање за неговата изјава, Мицкоски рече дека информациите што тој ги има се сосема спротивни од тврдењата на Вајц.

„Не знам кој извештај сте го читале од известувачот Томас Вајц, напротив извештајот што го имам слушнато јас е комплетен антипод од вашите прашања“, изјави премиерот.

Од друга страна, во интервју за „Еуроњуз Бугарија“, Вајц оцени дека во изминатата година не се забележува суштински напредок ниту сериозни реформи во државата. Тој нагласи дека евроинтеграциите не зависат само од отворање на преговори, туку од реално спроведување на реформската агенда и Планот за раст.

Според него, доколку Северна Македонија не ги исполни обврските, околу 47 милиони евра би можеле да бидат пренасочени кон соседни земји кои се поактивни во реформскиот процес. Вајц посочи и дека внесувањето на Бугарите во Уставот е неопходен услов за напредок во пристапните преговори со Европската Унија.

Вајц додаде дека додека земји како Албанија и Црна Гора напредуваат побрзо во процесот на евроинтеграции, Северна Македонија мора да покаже поголема политичка волја за да не заостанува во регионот.

CATEGORIES
TAGS
Share This