КОЈ Е ЗАГИНАТИОТ ВО НЕСРЕЌАТА СО ИВА МИХАЈЛОВА Семејството на Бесим Дурмиши бара правда, случајот доби политички димензии

Триесет и тригодишниот Бесим Дурмиши од скопското село Љуботен го загуби животот во сообраќајната несреќа кај Кочани, за која се води судска постапка против Ива Михајлова. Неговото семејство засега молчи пред јавноста, разочарано од политизацијата на трагедијата, и очекува судот да ја утврди вистината.

КОЈ Е ЗАГИНАТИОТ ВО НЕСРЕЌАТА СО ИВА МИХАЈЛОВА Семејството на Бесим Дурмиши бара правда, случајот доби политички димензии
Фото: Принтскрин

Додека случајот со Ива Михајлова предизвикува политички и дипломатски реакции во Македонија и Бугарија, во сенка на јавните препукувања останува трагичната судбина на 33-годишниот Бесим Дурмиши од скопското село Љуботен, кој загина во сообраќајната несреќа на 7 октомври 2025 година.

Несреќата се случила на експресниот пат Штип – Кочани, во близина на селото Горни Подлог, а против Михајлова пред Основниот суд во Кочани се води постапка за кривичното дело „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“.

Семејството на Бесим Дурмиши одлучило засега да не дава јавни изјави, сметајќи дека трагичниот настан добил преголема политичка димензија. Неговите најблиски сакаат да ја дочекаат завршницата на судската постапка, по што ќе одлучат за евентуалните следни чекори. Дурмиши бил оженет и немал деца. Работел во голема компанија за поставување паркети, а кобното утро патувал со тројца колеги на редовна теренска работна задача.

Во силниот судир тој го загубил животот, додека возачот на возилото во кое се наоѓал се здобил со тешки повреди и следните четири месеци бил на лекување во Универзитетската клиника. Неговиот брат ангажирал адвокат и внимателно ги следи судските рочишта во Кочани, особено наодите од сообраќајните вештачења.

Според полициските информации, несреќата се случила на 7 октомври 2025 година, кога се судриле автомобил „рено“ со регистарски ознаки од Македонски Брод и „фолксваген поло“ со бугарски регистарски таблички. Со „реното“ управувал 32-годишен жител на скопското село Трубарево, а Дурмиши бил еден од сопатниците.

Другото возило го управувала Ива Михајлова, која во моментот на несреќата имала 22 години. Покрај смртниот исход, во судирот биле повредени Михајлова и уште три лица од другото возило.

Едно од клучните прашања во судската постапка е кој ја предизвикал несреќата и во која сообраќајна лента дошло до судирот. Според наодот на сообраќајниот вештак Зоран Јошевски, Михајлова се движела со брзина од 84 километри на час и навлегла приближно 70 сантиметри во спротивната коловозна лента. Првичното вештачење се темелело на ограничување од 60 километри на час.

Одбраната, меѓутоа, ги оспорува овие заклучоци, тврдејќи дека дозволената брзина на конкретната делница била 90 километри на час и дека возилото „рено“ навлегло во лентата на Михајлова додека заобиколувало запрено полициско возило. Дополнителна дилема се појавила откако вештакот посочил дека од технички аспект треба да се разгледа можноста ограничувањето навистина да било 90 километри на час, поради спојување со друг пат и отсуство на повторно поставен сообраќаен знак.

Одбраната доставила и сопствени стручни анализи со поинакви заклучоци за околностите на несреќата. Конечната оценка на доказите и утврдувањето на евентуалната кривична одговорност остануваат во надлежност на судот.

Случајот дополнително се актуализираше откако Михајлова замина во Бугарија, и покрај мерките за обезбедување нејзино присуство во судската постапка. Јавното обвинителство соопшти дека уште на 9 октомври 2025 година ѝ биле одземени македонскиот и бугарскиот пасош.

Дополнително, биле определени забрана за преминување на државната граница со лична карта, забрана за напуштање на Кочани и обврска за редовно јавување кај надлежно службено лице. Обвинителството наведе дека опасноста од бегство била една од главните причини поради кои повеќепати давало негативно мислење за враќање на нејзините патни исправи.

Дополнителни контроверзии предизвикала и медицинската документација што Михајлова ја доставила во рамките на постапката.

Според објавените информации, во лекарски извештај издаден во март 2026 година било наведено дека таа била на лекување до крајот на декември истата година, датум кој во моментот на издавањето на документот сè уште бил во иднина.

Во документацијата била наведена дијагнозата paraparesis spastica, која се однесува на нарушување на моторните функции на долните екстремитети. Медиумите објавија и тврдења за идентитетот на лекарот што го потпишал извештајот, поврзувајќи го со предметот „Метастаза“, кој се однесуваше на злоупотреби со медицинска документација.

Основниот суд во Кочани претходно го оценил како неосновано барањето за лекување во странство, со образложение дека не било доставено соодветно конзилијарно мислење, ниту медицинска потврда за неопходна операција надвор од државата или за животозагрозувачка состојба. Михајлова ги отфрла обвинувањата дека ја предизвикала несреќата и тврди дека во Бугарија бара соодветен медицински третман.

Големото присуство на бугарски новинари, политичари и други претставници предизвикало изненадување кај семејството на загинатиот. За неговите најблиски, во центарот на случајот треба да остане сообраќајната несреќа во која згаснал човечки живот, а не политичките односи меѓу двете држави.

Следното судско рочиште е закажано за 12 ноември во Кочани, а по заминувањето на Михајлова во Бугарија се отвораат дополнителни прашања за понатамошниот тек на постапката. Додека случајот добива сè поголем меѓудржавен публицитет, семејството на Бесим Дурмиши останува со една основна цел,  судот да ја утврди вистината за несреќата во која го загубија својот најблизок.

CATEGORIES
Share This