ГОЛЕМ ПРЕСВРТ – Аеродромот во Амстердам жртвува приходи за да ги спаси летовите

Попустот важи само за дневни летови, но експертите предупредуваат на пошироки последици.

ГОЛЕМ ПРЕСВРТ – Аеродромот во Амстердам жртвува приходи за да ги спаси летовите
Фото: Принтскрин

Аеродромот во Амстердам воведе привремена мерка за да им помогне на авиокомпаниите да се справат со растечките трошоци за гориво, предизвикани од геополитичките тензии на Блискиот Исток.

Станува збор за попуст од 10 проценти на аеродромските такси, кој ќе важи само за дневните летови. Мерката стартува на 27 април и ќе биде на сила до крајот на март следната година.

Од управата на Схипхол велат дека оваа одлука доаѓа како директен одговор на наглиот раст на цените на керозинот, што значително ги оптоварува авиопревозниците. И покрај тоа што ќе има краткорочно влијание врз приходите, аеродромот уверува дека долгорочните инвестиции нема да бидат загрозени.

Схипхол, еден од најпрометните и поскапите аеродроми во Европа, се соочува со последиците од нестабилниот глобален енергетски пазар. Според податоци на Ројтерс, цената на авионското гориво речиси се удвоила од почетокот на конфликтот, што ја зголемува загриженоста кај европските авиокомпании.

Европа покрива околу 30 до 40 проценти од своите потреби за керозин преку увоз, при што повеќе од половина доаѓаат од регионот на Блискиот Исток.

Сепак, холандските власти засега не гледаат ризик од недостиг. Резервите на керозин во земјата се околу 78 проценти од вообичаеното ниво, а дополнително постојат стабилни увозни канали и залихи.

CATEGORIES
Share This