ШТО КРИЕЛ СУДИЈАТА – ДНК трагите го поврзуваат со скриените евра
Претресот открил скриено богатство по втор обид со специјална опрема.

Апелациониот судија Ѓоко Ристов е обвинет дека криел околу 350.000 евра заѕидани во ѕид од кујната во куќата на неговите родители во Неготино, информираше обвинителката Искра Хаџи Василева на брифинг со новинарите.
Според Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, ДНК-трагите на Ристов се пронајдени на фолијата во која биле завиткани парите, вкупно 610 банкноти од по 500 евра и 225 банкноти од по 200 евра.
Ристов се товари за две кривични дела: противправно стекнување имот и перење пари. За второто дело, според Кривичниот законик, е предвидена казна затвор од една до десет години за оној што прикрива или пушта во промет имот стекнат со кривично дело.
Обвинителството наведува дека доказите во текот на истрагата дополнително ја зацврстиле нивната теза, отфрлајќи ги тврдењата на одбраната дека парите потекнуваат од земјоделски активности, како лозје и ниви.
Предмет на судската постапка се исклучиво средствата пронајдени во ѕидот, кои веќе се конфискувани. Луксузен стан што не бил пријавен во анкетниот лист на судијата не е опфатен со истрагата. Обвинителството најавува дека вината ќе ја докажува со сведоци и аудио-снимки поврзани со посредување на парите.
Во случајот се споменува и Љупчо Пецов, кој е под мерки на претпазливост, при што гаранцијата што ја дал е десеткратно поголема од штетата за која се товари. Од обвинителството порачуваат дека пријавувањето корупција е важно, без оглед на тоа кој ја пријавува.
Адвокатот Фехми Стафа, кој бил вмешан во случајот, склучил спогодба со обвинителството и веќе издржува затворска казна од 15 месеци, откако бил фатен при примање поткуп од 50.000 евра со цел да влијае врз судијата.
Според обвинението, постои основано сомнение дека Ристов, во периодот од февруари 2020 година, давал лажни податоци за својата имотна состојба и не пријавил имот кој значително ги надминува неговите законски приходи.
Истражните органи на почетокот од годината извршиле претрес во домот на неговите родители. При вториот обид, со употреба на специјална опрема, бил забележан одсјај од алуминиумска фолија во ѕидот, по што биле пронајдени скриените пари.
Одбраната, пак, тврди дека средствата се легално стекнати и од продажба на трактори и земјиште за фотоволтаични проекти, за што, како што наведуваат, поседуваат банкарска документација и нотарски договори.
