СКОПЈЕ СТАНУВА СВЕТСКА СЦЕНА – 700 млади спортисти пристигнуваат
Свеченото отворање на плоштадот „Македонија“ на 21 април во 19:30 часот.

Од 21 до 29 април во Македонија ќе се одржи Светско првенство во ракомет за ученици, а свеченото отворање е закажано за 21 април во 19:30 часот на плоштадот „Македонија“ во Скопје. На дефилето се очекуваат околу 700 учесници, а натпреварите ќе се играат во шест училишни спортски сали.
„Сè уште не се дефинирани салите во кои ќе настапува македонската репрезентација, тоа ќе биде утврдено по инспекцијата на техничката комисија. Нашите амбиции се да освоиме медал“, изјави Елена Мицковска, претседателка на Федерацијата за училиштен спорт.
Министерот за спорт Борко Ристовски истакна дека ваквите настани се важни за промоција на државата и за младите спортисти, кои ќе имаат можност да се претстават пред поширока публика. Тој нагласи дека подготовките се одвиваат темелно и дека ништо не е оставено на случајност.
За шеф на македонската делегација е назначена Индира Кастратовиќ, која истакна дека тоа е голема чест и одговорност. Таа додаде дека Скопје во тие денови ќе биде град на младоста и спортот, а учесниците ќе имаат можност да стекнат нови пријателства и да се претстават во најдобро светло, со надеж за освоени медали.
