РЕГИСТРИРАН СО 2 СТОЛЧИЊА И 2 ДУШЕКА ВО ОБЛОЖУВАЛНИЦА – Шокантни откритија за приватни универзитети
Министерката откри сериозни неправилности во приватните универзитети кои издаваат дипломи признати во земјава и странство.

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, откри сериозни неправилности во работењето на некои приватни универзитети при одговарање на новинарско прашање за прилагодувањето на институциите на новиот Закон за високо образование. Таа посочи дека еден од институтите бил регистриран во простории на обложувалница.
Станува збор за институции кои досега имале право да издаваат дипломи признати и во земјата и во странство, што отвора сериозни прашања за квалитетот и легитимноста на високото образование.
„Најбрутален пример беше кога Комисијата на МОН направи проверки во еден институт. Институтот беше регистриран во кладилница, во задниот дел, каде што своите функции требаше да ги врши на две столчиња и два душека. Водиме 34 високообразовни институции во земјава и апсолутно е недозволиво што под превезот на институти се одвиваат други дејности“, изјави Јаневска.
Таа додаде дека новите законски решенија се базирани на анализи на европските практики и имаат за цел да го подобрат квалитетот на научната дејност.
„Овие мерки се значајни и потребни за да се подобри квалитетот на високообразовната и научната дејност. Да, тешко е да се обезбедат 10 доктори на науки, но со оглед на високата продукција на доктори, им препорачувам на тие луѓе да си вработат“, истакна министерката.
Јаневска информираше дека работната верзија на законот ќе биде финализирана во понеделник вечер со сите пристигнати и прифатени забелешки и потоа ќе влезе во владина и собраниска процедура.
