БИЛЕТИ КОИ РУШАТ РЕКОРД – Од 1.604 за финалето во Катар до 10.990 долари во САД
Динамични цени, бесни навивачи, светското првенство стана најскапото досега.

Светската фудбалска организација ФИФА повторно се најде под критики поради високите цени на билетите за Светското првенство во САД, Канада и Мексико. Вчера се отвори продажбата за сите навивачи без потреба од лотарија или посебен пристап, што предизвика илјадници обиди за влез на порталот на ФИФА, а многумина чекаа со часови, соочувајќи се со бројни технички проблеми.
Причина за контроверзноста е воведениот систем на динамично одредување на цените, што резултираше со повисоки износи од првата серија продажба во декември. Најскапиот билет за финалето тогаш чинеше 8.680 долари, а сега цената достигнува 10.990 долари, што го прави финалето најскапиот фудбалски натпревар во историјата. За споредба, во Катар билетите за финалето чинеле 1.604 долари.
Анкетата на Би-би-си покажува дека денешните цени за финалето се за 38,23% повисоки од декемвриските, а поскапувања има и за најбараните натпревари, вклучително и клучните нокаут-дуели и средбите на најдобрите тимови.
Според објавата на веб-страницата, од 72 натпревари од групната фаза, моментално билети се достапни за 35. „Атлетик“ додава дека цените за околу 40 од 104 натпревари од првенството денес се повисоки отколку во претходната фаза на продажба.
