ВЛЕИГДЕНСКИ МАГИЧЕН ЗВУК – „Ѕвона“ на Рахмањинов во срцето на Скопје
Велигденскиот концерт ќе ги обедини симфонијата на Лист и величественото дело „Ѕвона“.

Оркестарот на Македонската филхармонија ќе одржи велигденски концерт в среда, на 8 април, со почеток во 20 часот. Главното дело на програмата ќе биде монументалното вокално-инструментално дело „Ѕвона“ од Сергеј Рахмањинов, под диригентската палка на бугарскиот маестро Најден Тодоров.
Како солисти ќе настапат Катерина Стојановска – сопран, Исмет Вејсели – тенор и Иван Наумовски – баритон/бас.
Настап ќе има и хорот „ПроАрс“. Дополнително, на програмата е и симфониската поема „Прелудии“ од Франц Лист.
Делото „Ѕвона“ е инспирирано од анонимно писмо со поемата на Едгар Алан По, кое Рахмањинов го добил во 1907 година и кое рускиот симболист Константин Балмонт го адаптирал. Составено од четири строфи, делото претставува симболично патување низ човечкиот живот и од младешката радост, преку љубовта и зрелоста, до сенката на староста и смртта.
Во руска духовна традиција, звукот на ѕвоната го следи човекот од раѓање до последниот миг. Со „Ѕвона“, Рахмањинов создава поетска и симболична музичка визија, каде ѕвоната се метафора за животот и од почетната радост до тивкото помирување со вечноста, соопшти Филхармонијата.
