БЕКИМ САЛИ ВО ПОСЕТА НА УКРАИНА – Учество на комеморација за загинатите украински бранители
Средба со украински претставници за унапредување на европската интеграција.

Првиот заменик-претседател на Владата на Република Северна Македонија и министер за европски прашања Беким Сали, денеска престојува во официјална работна посета на Киев, Украина, каде ќе оствари средби со високи претставници на украинските државни институции.
Во рамките на посетата, Сали ќе учествува на комеморативна церемонија во чест на загинатите бранители на Украина, заедно со заменик-претседателката на Владата на Украина, г-ѓа Јулија Свириденко, при што ќе биде изразена солидарност и поддршка кон украинскиот народ.
Предвидена е билатерална средба со заменик-претседателот на Владата за европска и евроатлантска интеграција на Украина Тарас Качка, на која ќе се разговара за напредокот во европската интеграција, спроведувањето на реформите и унапредувањето на соработката меѓу двете земји во процесот на приклучување кон Европската Унија.
Сали ќе се сретне и со претседателката на Комитетот за интеграција на Украина во Европската Унија при Врховната рада, Ивана Климпуш-Цинцадзе, со фокус на парламентарната соработка и размената на искуства во пристапните преговори.
Дополнително, предвидена е средба со врховниот муфтија на Украина и претседател на Духовната управа на муслиманите во Украина, Ахмед Тамим, на која ќе се разговара за меѓурелигискиот дијалог и улогата на верските заедници во промовирањето мир и општествена стабилност.
Посетата има за цел да ја продлабочи билатералната соработка и да ја реафирмира поддршката на Северна Македонија за суверенитетот, територијалниот интегритет и евроатлантската перспектива на Украина.


