Евопски решенија и напредување на уметничките области

Уметничките области претставуваат една од ретките сфери во кои нашата земја континуирано и рамноправно конкурира на европско и светско ниво.

Евопски решенија и напредување на уметничките области
Фото: Национал

Колумна, Национал
Ѓорѓи Илиевски, виш просветен инспектор во пензија
Недела, 22 февруари 2026 година

Во оваа колумна ќе се остврнам на образовната реформа која носи надеж да создаде подобар систем, поправедни правила и поквалитетна академска средина во уметничките области. Секоја реформа носи и одговорност (ова го истакнував и во моите поранешни колумни)-да биде уставно одржлива, европски усогласена и правично применлива за сите.

Високото образование не е само административен систем. Тоа е еден од клучните столбови на општеството: таму се создаваат идните лекари, инженери, наставници, правници, уметници, научници. Таму се гради интелектуалниот капитал на државата. Затоа секоја законска промена во оваа сфера мора да биде внимателна, инклузивна и далекувида.

Предлог-Законот за високо образование 2026, објавен на јавна расправа, отвора токму такви прашања. Наместо да влеземе во полемика со страсти, потребно е да поставиме неколку мирни, правно аргументирани дилеми: – дали предложените решенија се во согласност со Уставот? – дали се во духот на европските стандарди? – дали создаваат еднакви можности во академската кариера? и најважно: дали носат напредок или создаваат нови затворени кругови?

Втор циклус на академски студии – постдипломски студии член 123, став 9 од  Предлог- ЗВО

Во  однос на посочениот член 123 став(9) од  предлог-законот за високо образование кое  е предвидено за уметничките области дека:„Високообразовната установа нема да дозволи одбрана на магистерски труд на кандидат кој пред одбраната на магистерскиот труд нема објавено два научни труда од темата на магистерскиот труд како прв автор.“ Ваквата одредба  во делот што се однесува на уметничките области се предлага:   да се брише за студиски програми од областа на уметностите.

Образложение до предлагачите на предлог ЗВО:

  • Уметничките области (филм, театар, музика, визуелни и применети уметности и сл.) се засноваат на уметничка практика, авторско дело и јавна презентација, а не на класична научноистражувачка продукција;
  • Во значаен број уметнички дисциплини не постојат соодветни научни списанија, ниту е воспоставена традиција на објавување научни трудови како предуслов за стекнување магистерска квалификација;
  • Магистерските студии во уметничките области во најголем дел се организираат како: уметнички проект, јавна изведба,изложба, филмско или сценско дело, придружено со теоретско образложение;
  • Задолжителното барање за два објавени научни труда како прв автор: е несразмерно и неприменливо во уметничките области, може да доведе до фактичка невозможност за одбрана на магистерски труд, не кореспондира со европската пракса во високо уметничко образование;
  • Со ваквата одредба се нарушува принципот на специфичност на уметничкото образование и се воведува униформен научен модел кој не е соодветен за сите области;
  • Со оглед на наведеното, се предлага одредбата да не се применува на студиските програми од областа на уметностите, односно истата да се избрише во тој дел.

Во врска со одредбите од предлог-законот за високо образование (членови 162-169), во делот на уметничките области

  1. Општа забелешка за неприменливоста на научниот модел во уметничките   дејности

Предложените одредби за избор и напредување во наставно-научни и наставно-уметнички звања во полето на уметностите, содржани во членовите 162–169, во суштина механички го преземаат моделот на научните дисциплини и го применуваат врз уметничките области, без да се земат предвид нивната суштинска специфичност, традиција и меѓународна практика.

Уметничкото творештво, за разлика од научноистражувачката дејност, се темели на авторско дело, уметничка практика, јавна рецепција, критичка валоризација и институционално признавање, а не на класични научни индикатори.

  1. Непостоење на доктори на науки (доктори на уметности) во конкретни уметнички дисциплини

Во Македонија, но и пошироко – на европско и светско ниво, наставници со докторска титула се многу ретки, (може да се сметаат како куриозитет) од низа суштински уметнички и применети уметнички области, како што се:

  • Филмска и ТВ камера
  • Филмска и ТВ монтажа
  • Актерска игра
  • Режија (во практично-уметничка смисла)
  • Сценографија, костимографија, сценско движење и сл.

Во овие области, највисокото меѓународно признание не се стекнува преку докторски труд, туку преку:

  • значајни авторски дела,
  • учество и награди на релевантни меѓународни фестивали,
  • долгорочна професионална практика,
  • влијание врз националната и меѓународната културна сцена.

Оттука, барањето задолжително да се поседува научен степен доктор на науки од конкретната област (член 162, ставови 1–3) е објективно неприменливо и води кон исклучување на најрелевантните и најреномирани уметници од наставниот процес.

  1. Нереалност и неприменливост на критериумите за научни трудови и Web of Science

Важно е да се нагласи дека платформите како Clarivate (Web of Science) имаат посебен индекс — Arts & Humanities Citation Index (AHCI). Сепак, тој индекс главно покрива теорија, историја и критика на уметноста, а не примарно уметничко творештво (изведби, филмови, слики).

Дополнително, во практиката е неспорно дека ретко кој, (ако воопшто постои некој) од веќе избраните професори во наведените уметнички области во Р. Макадонија  објавува научни трудови во бази како Web of Science или слични научни индекси, бидејќи:

  • во овие уметнички дисциплини, нивната уметничка и професионална валоризација се манифестира преку авторски и уметнички дела,
  • уметничката евалуација не се врши преку импакт-фактори, туку преку уметничка критика, селекција и јавна презентација.

Со тоа, критериумите за:

  • број на рецензирани научни трудови,
  • објавување во списанија со меѓународен уредувачки одбор,
  • научно-истражувачки проекти во класична смисла,

се тотално неприменливи за уметничките области и создаваат правна и институционална нефункционалност.

  1. Опасност од формализам и девалвација на уметничкото образование

Ваквото нормативно решение создава ризик:

  • наставниот кадар да се бира според формално исполнување на неостварливи критериуми,
  • наместо според реален уметнички квалитет, искуство и меѓународен углед.

Со тоа директно се загрозува:

  • квалитетот на уметничкото високо образование,
  • автономијата на уметничките академии,
  • конкурентноста на македонските уметнички институции во европскиот простор на високо образование.
  1. Меѓународна практика и компаративни решенија

Во најголем број европски земји, изборот во наставно-уметнички звања се врши врз основа на:

  • портфолио на авторски дела,
  • јавно прикажани, изведени или реализирани уметнички проекти,
  • критички осврти, награди и признанија,
  • педагошко и менторско искуство,

а не исклучиво преку научни публикации или докторски титули. (Прилог 1, Прилог 2)

  1. Предлог-насоки за подобрување на законскиот текст

Се предлага:

  1. Јасно раздвојувањена наставно-научните и наставно-уметничките критериуми.
  2. Воведување на посебен режим за уметничките дејности, заснован на уметнички референци наместо научни индекси.
  3. Признавање на еквивалентност на врвни уметнички остварувањасо научни квалификации.
  4. Поголема автономија на уметничките факултети и академии при дефинирање на критериумите за избор.
  5. Критериумот за  задолжителна докторска титула, да се замени со магистерска титула, (втор цуклус студии), во комбинација со верификуван уметнички опус.
  6. Задржување на одребите за избор во насловни звања (насловен доцент).
  7. Задржување на одредбите за избор во звања од посотоечкиот Закон за високо образование за наставен кадар од уметничките области.

 Општ заклучок

Во сегашната форма, предложените одредби од Нацрт-законот за високо образование во делот на уметничките области се структурно несоодветни, методолошки погрешни и практично неприменливи, и доколку останат непроменети, ќе доведат до сериозни последици по уметничкото високо образование.

Прилог 1

Компаративна табела со европски решенија за избор и напредување на наставници во уметничките области

Европски модели за избор во наставно-уметнички звања
Држава Тип на институции Квалификација за избор Основни критериуми Докторска титула Забелешка
Германија Kunsthochschulen

Musikhochschulen Filmhochschulen

Уметничка извонредност (Künstlerische Eignung) Авторски дела, меѓународни продукции, награди, педагошко искуство Не е задолжителна Уметничките достигнувања се рамноправни со академските титули
Франција Conservatoires, Écoles supérieures d’art, La Fémis Диплома +  уметничка препознатливост

(Diplôme + reconnaissance artistique)

Национални и меѓународни проекти, јавна валоризација Не се бара Системот се темели на професионален углед
Италија AFAM систем (Accademie, Conservatori) Уметнички дела

(Titoli artistici)

Уметнички референци, концерти, изложби, фестивали Не е услов Посебен закон за уметничко образование
Австрија Kunstuniversitäten Уметничка квалификација (Künstlerische Qualifikation) Портфолио, авторство, јавни изведби Опционална Докторска титула не е доминантен критериум
Холандија Universities of the Arts Уметничко истражување / пракса

(Artistic Research / Practice)

Уметничка практика, проекти, меѓународна мобилност Не е задолжителна Фокус на  евалуација базирана на пракса
Белгија Écoles supérieures des arts Професионален уметнички профил (Professional artistic profile) Реализирани уметнички проекти Не е услов Нема Web of Science критериуми
Обединето Кралство Conservatoires, Art Schools Еквивалентен професионален статус

(Equivalent professional standing)

Реноме, портфолио, меѓународна активност Ретко задолжителна Принцип на професионална еквивалентност
Хрватска Академии за уметности Уметнички труд и практика Авторски остварувања, фестивали, награди Не е задолжителна Јасно раздвојување од научниот модел
Словенија Академии за уметности Уметнички опус Уметничка продукција и педагогија Не е задолжителна Законски препознаена специфика
Србија Факултети за уметности Уметнички резултати Реализирани дела, јавна рецепција Не е услов Посебни критериуми за уметности

Клучни компаративни заклучоци:

  1. Од презентираната табела, се гледа дека ниту една европскитедржави не инсистира униформно на титулата доктор на науки“, односно „ доктор на уметности“ како задолжителен услов за избор во наставно-уметнички звања. Иако докторатот често се претпочита, особено во истражувачките домени, како литературната и уметничката критика, театрологија, теорија на уметност, медиуми и сл., тој не е универзален предуслов за наставни или уметнички звања, особено не во области како што се: „Актерска игра “, „Филмска и тв режија “, „Продукција “, итн. Професионалното искуство, уметничката извонредност и педагошките вештини често се вреднуваат заедно со или наместо формалните докторски квалификации – особено во уметноста.
  2. Уметничките достигнувања се третираат како рамноправни академски квалификации.
  3. Web of Science и слични научни индекси се неприменливи засоодветна евалуација на уметнички наставен кадар,
  4. Доминира принципот на еквивалентност на професионалното и уметничкото реноме.
  5. Законите за високо образование јасно прават разликамеѓу научни и уметнички области.

ПРИЛОГ 2

Компаративен преглед на европската правна региулатива

Компаративен преглед на европските правни рамки
Држава / Институционален модел Регулативен акт / закон Конкретна препорака / практичен пример Забелешка
Германија — Уметнички универзитети (Kunsthochschulen, Musikhochschulen) Закон за високо образование на сојузна покраина (нпр. Hochschulgesetz) Уметничките студии се регулирани со посебни одредби кои ја признаваат уметничката квалификација и портфолио како основен критериум за избор Во Германија  уметничките квалификации се третираат посебно од научните — традицијата на Kunsthochschulen и Musikhochschulen не го условуваат наставнот звање со Web of Science публикации (општо практикувано)
Франција — Национални уметнички школи и конзерваториуми Закон за високо образование и истражување / Code de l’éducation Изборот во уметнички звања се темели на професионален профил и уметничка практика, а не на стандарден научен модел Францускиот систем го третира високо уметничкото образование со рамка што не ја истакнува задолжителната научна публикација (General structuring in French higher education)
Хрватска — Академии за уметности Act on Higher Education and Scientific Activity (OG 119/2022) Законски е предвидено дека уметничката активност е дел од високо образование и се третира рамноправно со научната; има посебни критериуми за уметничка дејност Покрај научните и уметнички активности и резултати се признаени како релевантен критериум за избор на наставен кадар (AZVO)
ЕУ / ЕПВО – сите држави членки на Болоњскиот процес Bologna Process / European Higher Education Area Сите национални системи треба да ги признаваат квалификациите меѓусебно и да се стремат кон квалитетни, прилагодливи академски модели; не поставува конкретни научни критериуми за уметничките области Болоњскиот процес го утврдува европскиот високообразовен простор со кој се признава академскиот и уметничкиот углед, без да фаворизира само научни публикации (Wikipedia)
ЕУ – Erasmus+ / ECHE Erasmus Charter for Higher Education (ECHE) Принципите за квалитет и меѓународна соработка кои инспирираат институции да развиваат сопствени критериуми адаптирани на нивните контексти — вклучително и уметнички програми ECHE ги потенцира приоритетите за квалитет и соработка, без конкретизација на научни публикации за избор на кадар (Erasmus+)
Шпанија — нов закон за уметности Национален закон за високо образование во област на уметностите (2024) Новата реформа во Шпанија ги признава уметничките професии во рамките на високо образование со специфицирани решенија за различни уметнички дејности — проектно ориентирана Според Eurydice (2024), законот го реформира уметничкото високо образование со посебни правила за наставен кадар од уметничките области (HRDC)

Компаративната анализа на европските системи за високо уметничко образование укажува дека изборот во наставно-уметнички звања се темели првенствено на уметничка практика, авторски остварувања и професионален углед, при што докторската титула не претставува задолжителен предуслов, туку евентуална дополнителна квалификација.

IV ДОДАВАЊЕ НА НОВ ЧЛЕН ВО ЗАКОНОТ

Да се додаде нов член кој гласи:

(1) Државата обезбедува финансиска поддршка и субвенционирање на катедри и студиски програми од дефицитарни кадри во областа на уметностите, од посебен јавен и културен интерес.

(2) За дефицитарни кадри во смисла на ставот (1) од овој член се сметаат студиски програми и уметнички дисциплини за кои постои утврдена потреба од стручни и уметнички кадри, а кои поради мал број студенти, специфични материјални услови или високи трошоци за реализација не можат да се одржуваат исклучиво на пазарни принципи.

(3) Субвенционирањето може да опфати:

покривање на дел од трошоците за наставен кадар,

финансирање на специјализирана опрема, сцени, студија, ателјеа и продукциски услови,

поддршка за практична настава и јавна уметничка продукција.

(4) Владата, по предлог на Министерството надлежно за високо образование, донесува одлука за утврдување на листа на дефицитарни уметнички области и критериуми за распределба на средствата.“

(5) Право на субвенционирање согласно овој член може да остварат катедри и студиски програми од областа на уметностите кои се акредитирани и континуирано се реализираат најмалку пет години пред поднесувањето на барањето за финансиска поддршка.

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

Со воведувањето на овој критериум се обезбедува: стабилност и континуитет во образовниот процес, поддршка на веќе воспоставени и развиени студиски програми, рационално и одговорно користење на буџетските средства, спречување на формирање краткорочни програми со цел користење на субвенции.

Овој услов придонесува за институционална сигурност и долгорочен развој на дефицитарните уметнички области од јавен интерес.

V ОПШТИ ЗАБЕЛЕШКИ И СУГЕСТИИ

Со цел да се обезбеди: усогласеност со европската пракса, почитување на специфичноста на уметничкото образование, одржлив развој на уметничките академии, заштита на автономијата на високообразовните институции, се предлага во Нацрт-законот и во другите придружни законски акти да се предвидат посебни стандарди за уметничките области, со јасно разграничени критериуми за:

-основање на уметнички високообразовни установи,

-содржина и структура на студиските програми,

-избор и напредување на наставен кадар,

-услови за стекнување на академски и уметнички звања.

Само со вакво нормативно разграничување ќе се избегне неприменливост на научниот модел врз уметничките дисциплини и ќе се обезбеди функционален и квалитетен систем на високо уметничко образование.

Уметничките области претставуваат една од ретките сфери во кои нашата земја континуирано и рамноправно конкурира на европско и светско ниво. Музичката, филмската, драмската, визуелната и применетата уметност со децении носат меѓународни признанија, фестивалски селекции и културна видливост што ја позиционираат државата во европскиот културен простор како активен и креативен чинител.

Токму поради тоа, законската регулатива треба да создава услови за развој, поттикнување и одржување на овие области, а не да воведува рестриктивни и унифицирани одредби кои не ја земаат предвид нивната специфична природа. Нормативната рамка мора да биде флексибилна и усогласена со праксата, со цел да не се попречи потенцијалот на уметничките институции и творци кои претставуваат значаен дел од меѓународниот углед и културниот идентитет на државата.

CATEGORIES
TAGS
Share This