РАБОТИТЕ НА АВТОПАТОТ ГОСТИВАР-БУКОЈЧАНИ СЕ ВО ПОЛН ЕК – Готов до 2029 година
Делницата ќе ја подобри регионалната поврзаност, ќе го поттикне туризмот и бизнисот, а студентите ќе добијат практично искуство на реални инфраструктурни проекти

Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски изјави дека изградбата на автопатската делница Гостивар-Букојчани се одвива со засилена динамика и дека се очекува таа да биде целосно пуштена во сообраќај до крајот на 2029 година.
Николоски, заедно со премиерот Христијан Мицкоски, времената вршителка на работите во Амбасадата на САД Никол Варнс, како и претставници на надлежните институции, изврши увид во текот на градежните работи на делницата, која е дел од западното крило на Коридор 8.
Министерот информираше дека интензивно се работи на поврзувањето на автопатот од Гостивар до Букојчани со постојниот автопат кон Тетово, а со тоа и со патната мрежа што води кон Кичево, Охрид и Струга. Според него, проектот ќе има силен економски ефект, ќе ја подобри регионалната поврзаност и значително ќе придонесе за развојот на туризмот и бизнисот.
Николоски истакна дека процесот на експропријација е реализиран речиси 90 проценти, што, како што нагласи, претставува клучен предуслов за непречена реализација на проектот. Досега се исплатени околу 470 милиони евра, средства што, според него, претставуваат значајна инвестиција за државниот буџет. Финансирањето, како што додаде, се одвива навремено, а државата ја обезбедува потребната логистичка поддршка.
Тој посочи дека градежниот сектор бележи раст од 21 процент во третиот квартал од минатата година, што го оцени како историски резултат во независна Македонија. Во проектот, додаде, активно се вклучени Градежниот и Архитектонскиот факултет, со цел студентите да стекнат практично искуство преку работа на реални инфраструктурни зафати.
Николоски најави дека паралелно со оваа делница, засилено се работи и на автопатот Тетово-Гостивар, како и на патниот правец Прилеп-Битола, со цел целосно заокружување на современата патна инфраструктура во западниот дел на државата.


