ИМА ПАРИ НЕМА ВОЛЈА – ССМ се заканува со генерален штрајк ако не се зголемат платите
Синдикатите бараат минимална плата од 600 евра и зголемување на сите останати плати за најмалку 6.000 денари

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) ѝ остава рок на Владата и на работодавачите до крајот на февруари да се изјаснат за барањето за зголемување на минималната плата на 600 евра и за раст на сите останати плати за најмалку 6.000 денари. Доколку не се постигне договор, синдикатот најавува масовен работнички протест и генерален штрајк во првата половина на март, како и таргетирани протести низ повеќе градови во земјата.
Ова беше соопштено денеска на протестот и блокадата пред Влада на Македонија, што го организираше Сојуз на синдикати на Македонија. Станува збор за трет протест во низата, по претходните блокади пред Собранието и Стопанска комора на Македонија.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, изјави дека протестот симболично го организирале 24 лица, по еден за секој министер во Владата.
„24 министри уживаат на грбот на 540 илјади работници. Бараме Владата уште денеска да предложи измени на Законот за минимална плата, со кои минималецот ќе се зголеми на 600 евра, а сите останати плати да пораснат за разликата или најмалку за 6.000 денари“, порача Трендафилов.
Тој нагласи дека синдикатот намерно протестира со минимален број луѓе, колку што дозволува Законот за јавни собири, бидејќи и таков протест е доволен за да се испрати силна порака до институциите.
Трендафилов потсети дека аргументите на ССМ изнесени минатата година на седниците на Економско-социјалниот совет не биле прифатени од владините претставници и од работодавачите. Според него, податоците покажуваат дека бројот на вработени расте, дека се отвораат нови компании и дека работниците создаваат значителен капитал, додека нивниот дел во распределбата на приходите е минимален.
„Само 17 отсто од создадената вредност оди за плати. Во државата има пари, но тие не се правилно распределени“, истакна тој.
ССМ повторно побара Владата да им подаде рака на работодавачите преку субвенционирање на дел од придонесите за задолжително социјално осигурување, со цел да се овозможи раст на платите без дополнителен товар за компаниите.
Синдикатот најави дека, доколку до крајот на февруари не започнат сериозни разговори, ќе следи генерален штрајк и масовен работнички протест во март, на кој ќе бидат повикани работници од целата држава, со организиран превоз.
Трендафилов потсети и дека лани минималната плата била утврдена без согласност на Економско-социјалниот совет, спротивно на законот, и изрази надеж дека таа пракса нема да се повтори.
Денешната блокада не го спречи премиерот Христијан Мицкоски да влезе во зградата на Владата, што дополнително ги засили реакциите кај присутните синдикалци.
ССМ порачува дека протестите ќе продолжат сѐ додека институциите не покажат подготвеност за реален договор за повисоки плати и подобар животен стандард за работниците.


