ПЛАН ЗА 2026 – 67 нови електроенергетски капацитети со вредност од 5,7 милијарди евра

Проекти ширум земјата ќе поттикнат локална економија, државната ЕСМ со клучна улога

ПЛАН ЗА 2026 – 67 нови електроенергетски капацитети со вредност од 5,7 милијарди евра
Фото: Принтскрин

Планот за изградба на енергетски објекти за 2026 година предвидува изградба на 67 нови електроенергетски капацитети со вкупна инсталирана моќност од 4.416,8 MW и проценета вредност од околу 5,7 милијарди евра, што значително ќе ја промени енергетската слика на земјата.

Министерството за енергетика нагласува дека не се работи за „список на желби“, туку за филтриран процес, во кој од 284 поднесени барања биле избрани само оние проекти што поминале техно-економски анализи, геодетски елаборати и проверки на бонитетот на инвеститорите.

Влезот во Планот не значи автоматска резервација на мрежен капацитет. Инвеститорите имаат 45 дена да изработат идејни проекти за приклучување, во спротивно нивната иницијатива се брише од Годишниот план. Секој инвеститор мора да обезбеди банкарска гаранција од 25.000 евра по мегават во рок од 15 дена како доказ за сериозност. Важноста на овластувањето за изградба може да трае најмногу 15 години, при што конкретните рокови зависат од технологијата и моќноста на електраната.

Секој проект е координиран со МЕПСО и Електродистрибуција, со пресметки според N-1 критериумот, за да се гарантира сигурноста на електроенергетскиот систем и да се спречи неконтролирано приклучување.

Планот предвидува и силен развој на системи за складирање енергија со капацитет од речиси 5.000 MWh и инвестиции од околу 2 милијарди евра, што ќе обезбеди стабилност при користење на обновливи извори како сонцето и ветерот.

Проектите се распределени низ повеќе општини, меѓу кои Македонски Брод, Лозово, Дебрца, Кавадарци, Куманово, Брвеница и Кочани, со цел поттикнување на локалната економија. Државната ЕСМ ќе има клучна улога преку сопствени стратешки проекти.

Министерството потенцира дека енергетиката бара долгорочно планирање со јасни правила, рокови и контрола на реализацијата, бидејќи секој нереализиран проект ја блокира можноста за друг кој може да се изгради.

Паралелно, веќе е започнат процесот за Планот за 2027 година, со рокови за иницијативи: до 1 април за општините и до 1 јуни за инвеститорите, а во наредните месеци ќе се следи реализацијата на тековните проекти.

CATEGORIES
Share This