САД И ЕВРОПА СЕ СУДБИНСКИ ЗАЕДНО – Сакаме силни европски сојузници
Историските и културните врски ги обврзуваат САД и Европа на заедничка иднина.

Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави на Минхенската безбедносна конференција дека САД и Европа се „создадени да бидат заедно“ и дека Вашингтон е подготвен да ја предводи „реставрацијата“ на светскиот поредок.
Тој нагласи дека САД сакаат „Европа да биде силна и способна да преживее“, истакнувајќи дека судбината на Европа е неразделна од онаа на Америка.
„Сакаме сојузници способни да се одбранат, за да никој противник не се обиде да ја тестира нашата колективна сила“, рече Рубио.
Рубио додаде дека САД не сакаат да создаваат поделби, туку да го обноват старото пријателство и големата цивилизација на човештвото. Иако се подготвени да дејствуваат самостојно, тие претпочитаат заеднички акти со европските сојузници.
Тој предупреди дека „повоениот триумф“ создава опасна заблуда и дека е потребно зајакнување на сојузите и реформа на меѓународните институции. Според него, Обединетите нации „практично немаат никаква улога“ во решавањето на конфликтите, особено во Газа и Украина.
Американскиот државен секретар потенцираше дека Европа мора да се справи со ризиците од деиндустријализација и масовна миграција, истакнувајќи ја важноста на заштитата на националниот суверенитет и границите.
Тој потсети на историскиот контекст на конференцијата од 1963 година, кога Европа беше поделена, и го нагласи значењето на културните и историските врски меѓу САД и Европа – од Моцарт и Бетовен до Битлсите и Сикстинската капела.
Рубио рече дека крајот на трансатлантската ера не е цел на САД и нагласи дека заедничката историја и цивилизациски врски ги обврзуваат двете страни да соработуваат за нов век на просперитет.
Во разговорот за Украина, Рубио истакна дека најтешките прашања сè уште не се решени, но дека САД и Европа продолжуваат да бараат услови прифатливи за Киев. Тој се осврна и на односите со Кина, потенцирајќи дека, иако националните интереси не секогаш ќе се совпаѓаат, важно е да се одржуваат отворени канали за комуникација и преговори за избегнување на економски и геополитички конфликти.


