ВАЛЕНТИНА РАДУЛОВИЌ ДЕМАНТИРА – Не сум инволвирана во скандалот со лични документи
Четири лица се под истрага на МВР за организирана шема со незаконско издавање документи.

Името на поранешната македонска ракометарка, Валентина Радуловиќ, беше споменато во контекст на скандал со издавање лични документи. По објавата на информациите на социјалните мрежи, таа ги демантираше овие наводи, објаснувајќи дека само сакала да помогне на пријател.
„Категорично ги отфрлам обвинувањата за мое наводно учество во незаконски дејствија поврзани со издавање лични документи. Моја лична порака до пријател, кој работи во МВР и се занимава со издавање пасоши, беше за ургенција за блиски лица кои итно им требаше нов пасош со ново име на почетокот на 2024 година, кога имаше застој во издавањето. Таа порака, на жалост, е злоупотребена и ми се приписува незаконско учество. Ако навистина постои таква постапка со мое вклучување, ќе ја докажам пред било која институција“, изјави Радуловиќ.
Четири лица се под истрага на Министерството за внатрешни работи (МВР) за организирана криминална шема со незаконско посредување при издавање лични документи. Меѓу нив се двајца полицајци, една наставничка и еден пожарникар. Според официјалните информации од МВР, осомничените во периодот февруари–април 2024 година воспоставиле систем за „преку ред“ издавање лични карти, пасоши и возачки дозволи, за што наплаќале фиксен надомест.
Одделот за внатрешна контрола при МВР поднел кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција против М.С., полицаец, за злоупотреба на службената положба и примање поткуп, П.П., полицаец од Интервентната полиција, за примање поткуп и противзаконито влијание, В.Р., наставничка во средно училиште во Скопје и А.С., пожарникар во Град Скопје.
Наставничката и пожарникарот наводно наоѓале „клиенти“ кои имале потреба од документи по брза постапка и ги собирале нивните податоци.
Радуловиќ има богата кариера: учествувала на шест Светски и Европски првенства со македонската репрезентација, освоила две титули во Лигата на шампионите со данскиот Слагелсе и бројни домашни првенствени трофеи во Македонија, Австрија и Данска. Со над 200 настапи за репрезентацијата, таа е една од најдобрите македонски ракометарки.


