ВЛАДАТА ЈА УСВОИ ПРОГРАМАТА ЗА РАБОТА ЗА 2026 ГОДИНА – Реформи во образование, здравство и дигитализација
Таа претставува јасна мапа за реформите кои ќе влијаат на квалитетот на животот на граѓаните, функционалноста на институциите и европската перспектива на државата.

Владата ја усвои Програмата за работа за 2026 година, стратешки и реформски документ од над 400 страници, кој ги дефинира приоритетите, динамиката и визијата за развој на државата во наредниот период, истакна владината портпаролка Марија Митева на прес-конференција.
Програмата е структурирана по области и ги опфаќа надлежностите на законодавната и извршната власт. Таа претставува јасна мапа за реформите кои ќе влијаат на квалитетот на животот на граѓаните, функционалноста на институциите и европската перспектива на државата.
Фокус на законодавниот дел – здравство и образование. Митева нагласи дека во делот на законодавството, фокусот е на областите каде државата има најголема одговорност: здравството и образованието. Предвидени се нови закони кои ќе го уредуваат високото и средното образование, научно-истражувачката дејност, педагошката служба и статусот и професионалниот развој на наставниот кадар.
Целта е да се обезбеди квалитетен, достапен и одржлив образовен систем како темел за долгорочен развој.
Дигитална трансформација и даночни реформи. Владата ќе ја унапредува дигиталната трансформација, вклучително преку новиот Закон за електронска фактура. Оваа мерка ќе ги направи даночните процедури поефикасни, транспарентни и ќе го намали административниот товар за граѓаните и компаниите.
Реформа на правосудството останува висок приоритет. Измените на Изборниот законик ќе ги вклучат препораките од меѓународните мисии, со цел да се зајакнат демократските стандарди, фер изборите и владеењето на правото.
Во делот на реформа на јавната администрација програмата предвидува системски закони за висока раководна служба, унапредување на квалитетот во јавниот сектор и воспоставување единствен систем на плати.
Новото решение носи правичност, транспарентност и усогласеност со Реформската агенда, со цел да се решат долгогодишни проблеми со фрагментирани и неусогласени плати.
Програми за животен стандард и економски развој се прдвидени во вториот дел од Програмата а кои директно ќе влијаат на животниот стандард во животната средина, здравството, безбедноста, образованието и социјалната заштита.
За 2026 година, планиран е и Оперативен план за активни мерки за вработување, прилагоден на реалните потреби на пазарот на трудот, со цел зголемување на вклученоста на невработените и интеграција на ранливи категории.
Во економски контекст, Владата ќе ја промовира државата преку национално брендирање на туризмот и економијата, создавајќи препознатлив и современ имиџ на Македонија како атрактивна туристичка дестинација и стабилна, отворена економија со инвестиционен потенцијал.
Здравство и млад медицински кадар предвидува Министерството за здравство за што ќе подготви Стратегија за млади лекари 2026-2030, со цел задржување на кадарот, мотивирање и професионален развој. Ова ќе обезбеди системска поддршка, менторство и континуирана едукација за посилен и постабилен здравствен систем.
Во делот на Центарот за дигитални вештини за првпат ќе се воспостави Центар за дигитални вештини во јавната администрација, кој ќе ја поддржува дигиталната трансформација на државата. Програмите ќе бидат наменети за раководни лица, носители на одлуки, сајбер експерти и целокупниот административен кадар.
Дигитализацијата се гледа како долгорочен процес, а не само како проект.

